Белоруските власти ги објавија првичните резултати од парламентарните и локалните избори на кои смееја да учествуваат само кандидати лојални на лидерот Александар Лукашенко, додека опозицијата ги повика гласачите на бојкот. Овие избори дополнително ќе го зајакнат владеењето на Лукашенко, кој неодамна најави дека ќе бара уште еден петгодишен мандат на претседателските избори следната година.
Најголем дел од кандидатите им припаѓаа на четирите официјално регистрирани партии: Белаја Рус, Комунистичка партија, Либерално-демократска партија и Партија на трудот и правдата. Централната изборна комисија објави дека излезноста била 73%.
Ова беа првите избори во Белорусија од 2020, кога Лукашенко го освои шестиот мандат, но тоа беше проследено со серија масовни протести, на кои беа уапсени 35.000 луѓе.
Владимир Путин денеска му честиташе на Лукашенко за „убедливата победа на патриотските сили на Белорусија, која ќе помогне да се обезбеди внатрешна политичка стабилност“.
Опозициската лидерка Свјатлана Цихановскаја, која живее во егзил во Литванија од 2020, повика на бојкот на изборите, кои ги опиша како бесмислена фарса. Видеообраќањето на Цихановскаја изненадувачки беше пренесувано низ Белорусија во саботата откако опозициските активисти успеале да добијат пристап до 2.000 рекламни екрани.
По изборите, Белорусија ќе формира ново државно тело наречено Себелоруско народно собрание со 1.200 места.