УКРАЛЕ 200 ГУЛАБИ, ПОЛИЦИЈАТА ВО ШТИП ТРАГА ПО КРАДЦИТЕ ШТО ПРЕД КАМЕРИ ЈА ОБИЛЕ ЖЕЛЕЗНАТА ВРАТА

    УКРАЛЕ 200 ГУЛАБИ, ПОЛИЦИЈАТА ВО ШТИП ТРАГА ПО КРАДЦИТЕ ШТО ПРЕД КАМЕРИ ЈА ОБИЛЕ ЖЕЛЕЗНАТА ВРАТАЕдниот крадец е од Скопје и е фатен, а кај него се најдени 100 од украдените гулаби. (Фото: СДК.МК)

    Разни работни машини, 200 вредни гулаби, 200 метри електричен кабел и скапоцен алат сопственост на штипјанецот Стојче Зиков биле украдени во две одвоени кражби извршени за една недела во месноста Девети километар кај Штип, покрај патот за Радовиш.
    Сопственикот ја пријавил кражбата, но уште истиот ден на имотот поставил камери за да ги спречи крадците. Но, наместо тоа, викендот што измина на неговиот имот пред очите на камерите крадците ја разбиле железната врата и го однеле она што останало од првата кражба, а тоа биле гулабите и работните машини, разни брусалици, моторни пили, електрични кабли и слично.

    На сопственикот и неговите ортаци најмногу им е жал за гулабите, па веднаш на полицијата ги предале снимките од камерите на кои се гледаат две лица, од кои едното не било маскирано, како ја разбиваат железната врата и ги изнесуваат украдените ствари. И тие заедно со полицијата се впуштиле во потрага по крадците чии идентитети камерите ги открила и ѝ биле познати на полицијата како чести сторители на вакви дела. Едниот е од Скопје, другиот од Кавадарци.

    Скопскиот крадец веќе е фатен, по другиот се трага, но полицијата дознала дека не биле само двајца, туку тие имале и двајца помагатели. Како што велат сопствениците, половина од гулабите што крадците ги поделиле биле најдени во Скопје, но по втората половина од стотина гулаби се трага, а се смета дека веќе биле продани во некоја од соседните земји.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира