Француската полиција заплени 72 пиштоли и повеќе од 3.000 куршуми од домот на француската филмска легенда Ален Делон. Во неговиот дом во Души-Монткорбон, 135 километри јужно од Париз е откриено и стрелиште.
Обвинителите кажаа дека 88-годишниот Делон немал дозвола за поседување оружје.
Претресот бил нареден откако службено лице кое судот го испратил во домот на Делон забележало оружје и ги известило властите.
Делон е во лоша здравствена состојба во изминатите години откако имаше мозочен удар во 2019. Француските медиуми во последно време пишуваа и за проблеми и кавги во семејството, при што трите негови деца меѓусебно јавно се навредуваа, обвинуваа и закануваа со тужби и тајни снимки.
Делон последен пат се појави во јавност во 2019 кога прими почесна Златна палма на Канскиот фестивал и потоа присуствуваше на погребот на Жан-Пол Белмондо во Париз.