Над 20 мали фабрики за производство на чевли се затвориле во последните две години во Куманово, поради тешката економска состојба во државата. Сам лани се затворени десетина. Од некогашните триесетина фирми во кои биле вработени над 1.000 работници, во моментот работат само 8 фабрики со околу 300 работници.
Сопственик на фабрика кој неодамна ја затвори фирмата по 25 години работа, вели дека главна причина за тешката состојба во чевларската индустрија е тоа што немаат поддршка од државата, како и губењето на големите пазари поради војната во Украина и светската економска криза.
„Јас работев за италијанска фирма која се повлече од Македонија. И додека работевме ни плаќаа по многу ниски цени, како пред корона кризата, а во меѓувреме се зголемија трошоците на нашата работа. Беше невозможно да се издржи, се соочувавме и со недостиг на квалитетен кадар, а државата ни даваше само обврски наместо да ни помогне да го заштитиме производство. На крај, земав кредити за да ги исплаќам работниците и да го одржам производството, но кога видов дека веќе нема економска исплатливост ниту изгледи нешто да се смени се откажав и со тешко срце затворив“, вели Билијам Бојковски од фирмата „Ми-Мас“.
И другите сопственици кои ги контактиравме потврдуваат дека отсуството на помош од државата на малите домашни фирми е причина за замирање на оваа индустрија, која имаше долга традиција во Куманово.
„Нас државата нè третира исто како и ИТ секторот, имаме исти придонеси, немаме никакви олеснувања. Ние работиме со минимален обрт и треба и тоа да се зема во предвид. Пред секои избори нè посетуваа сите политичари и ни ветуваа дека ќе ни помогнат, а откако ќе седнат во фотељите нè забораваат. Дури имаше најава од локални функционери дека ќе изградат чевел во центарот на градот, како симбол на оваа дејност и некогашниот гигант ЧИК Куманово, во поранешна Југославија. Сега можат да го постават како споменик за уште една уништена гранка во нашиот град“, вели сопственичка на фирма.
Уште во 2017, Здружението на чевлари „Куманово“ побара од државата да ги намали придонесите за да можат малите фабрики во кожарската индустрија да исплатат минимална плата од 12.000 денари на работниците. Тогаш беше кажано дека во Бугарија нивните колеги плаќаат 50 евра придонеси за секој работник, а во Албанија 20 евра, па тамошните фирми се поконкурентни и сè повеќе им ја земаат работата.
„Првпат во историјата на чевларството се собравме 50 фирми од целата држава во рок од неколку дена, за да организирано се бориме за опстанок на нашите фирми. Нашата цел е да допре гласот до Министерството и новата Влада дека сите закони кои се прават набрзина и се гласаат преку ноќ создаваат огромни проблеми. Така е и со законот за минимална плата. Ние не сме против тоа работниците да имаат поголема плата, но бараме да нè ослободат од некоја давачка. Бараме соработка со ресорните министерства да најдеме некоја средина. Ние немаме начин да дојдеме до парите кои треба да ги исплатиме. Ако ги зголемиме цените кон странските добавувачи нема да сме конкурентни и ќе ни ја откажат соработката“, кажа тогаш претседателката Лидија Милановска во име на сопствениците на малите погони кои работат лон систем.
Милановска се надеваше дека надлежните ќе имаат разбирање за нивниот проблем и наскоро ќе го решат, во спротивно ќе има големи отпуштања во оваа индустриска гранка во земјата каде има околу 7.000 вработени.
Во меѓувреме, минималната плата се зголеми на 21.000 денари, а се покачија и цените на суровините и енергенсите. Бидејќи државата не преземала ништо, предвидувањата на чевларите се остварија, па само минатата година странските фирми, пред сè италијански и српски, се преселиле во Албанија поради евтината работа сила и помали давачки кон државата, додека српските фирми заминале во Кина или се вратиле во нивната земја за да ги избегнат долгите царински процедури и давачки со нашата земја.
Фирмите кои работат сопствено производство се во подобра состојба, но најголем проблем им е што нема квалификуван кадар, бидејќи младите се селат од градот и државата, или заминуваат да работата во фабриките во индустиските зони во Куманово и Скопје. Иста е состојбата со малите погони и во другите градови, пред сè во Штип.
С. НИКОЛИЌ