На Битола се сеќаваме со љубов која произлегува од раскажувањата на нашите предци за убавиот соживот што го имале Евреите со битолчаните, соработката во чаршијата, но и соживотот со соседите од нивните маала, рече Здравко Шами, поранешен претседател на Еврејската заедница во Македонија, сега претставник на македонската еврејска дијаспора. Тој беше меѓу присутните на чествувањето на 81-годишнината од депортацијата на битолските Евреи во Втората светска војна.
Неговиот татко Морис Шами е еден од малкутемина битолски Евреи кои ја преживеале депортацијата, зашто, како што истакна Здравко Шами, за време на тој трагичен настан бил во бугарски затвор.
„Татко ми беше од Битола, единствено тој остана жив од семејството зашто беше во бугарски затвор. Го уапсија Бугарите поради некакви активности и имаше среќа да преживе. Но, сите други, петте сестри и братот, родителите, бабата, целото семејство беа депортирани во Треблинка. Се сеќавам на времето по ослободувањето, кога со татко ми доаѓавме во Битола. Се шетавме низ градот и ќе ни пријдеше некој сосема непознат. Ќе ни речеше: ‘Татко ми ми раскажуваше, јас живеев во соседството, имавме убаво пријателство, да ми дојдете дома на кафе’. Не ги познаваш луѓето, но чувството на заемно почитување и љубов постоеше и постои сѐ уште благодарение на градот и на битолчани“, рече Здравко Шами.
Според податоците на Фондот на Холокаусот на Македонија, Морис Шами потекнувал од семејство на битолски трговец со текстил кој имал дуќан во близина на Безистенот. Уште како гимназијалец активно учествувал во работата на повеќе младински организации. Бил приврзаник на работничкото движење, член на КПЈ и помогнал во собирањето помош, пари и потребен материјал за движењето на отпорот. Во работата на илегалните организации и во поддршка за нивните акции учествувале и неговите сестри Реџина (Нина), Ана и Матилда.
Во објавата на Фондот на Холокаустот пишува дека при јунскиот упад на бугарските окупаторски власти во 1942 Морис бил уапсен со група еврејски активисти. Со Мориц Романо, Виктор Пардо, Аврам Анаф и Ели Фараџи биле мачени во скопскиот затвор, каде што бил осуден на долгогодишна затворска казна. Биле однесени во варненскиот затвор, каде што во 1944 учествувал во бунтот, кога политичките затвореници ги совладале чуварите. Заедно со останатите затвореници се вратил во Македонија и се придружил на партизанските единици. Се приклучил на 4. Македонска бригада како офицер и учествувал во ослободувањето на Кочани, Струмица и други места од источна Македонија. По ослободувањето останал на должност во ЈНА, по што бил прераспределен на повеќе општествени раководни функции.
„Битола е културен и историски центар, но и град страдалник, кој одбележува 81 година од депортацијата на Евреите. Преку 3.000 Евреи од вкупо 7.144 во Македонија. Целта е да паметиме и да не заборавиме, да не се повторат ваквите тажни моменти, а ние како биточлачни секогаш ќе го носиме и чуваме споменот на сограѓаните“, рече битолскиот градоначалник Тони Коњановски.
Во Битола денес има само една Еврејка, која тука е омажена.
Денеска беа положени цвеќиња пред спомениците на Евреите, а потоа следуваше Маршот на живите до железничката станица, низ улиците по кои бесповратно биле однесени битолските Евреи.
Ж. ЗДРАВКОВСКА