Ќе се бориме мерењето на очниот притисок да се воведе во систематските прегледи. Како што се мери крвен притисок секоја година, да се мери и очен, рече денес д-р Ирина Богданова на настан на Плоштад Македонија за Светскиот ден на глаукомот.
Во организација на Кабинетот за глауком на Клиниката за очни болести, денес во Скопје се реализираше бесплатно мерење очен притисок со цел подигнување на свесноста за навремено откривање на глаукомот.
„Граѓаните треба да се запознаат со ова заболување бидејќи претставува втора причина за слепило во светски размери, исто така и кај нас. Секојдневно на Клиниката се соочуваме со нови илјадници пациенти кај кои се дијагностицира ова заболување, случајно. Го напоменувам ова случајно бидејќи заболувањето оди асимптоматски“, кажа д-р Богданова.
Акцијата ќе продолжи во другите градови низ државата. Утре во Битола, во среда на ред е Тетово, Куманово во четврток, а Штип во петок.
„Интересот е многу голем. Драго ми е што луѓето се запознаваат со болеста, има голем дел и што не слушнале дека оваа болест постои. Треба да се зголеми свеста, баш и заради тоа ја правиме оваа акција. Апелираме на редовни офталмолошки прегледи. Барем еднаш во годината, прегледите да бидат рутински. Луѓето да не се јавуваат кај офталмолог само кога имаат потреба, туку еднаш во годината да бидат рутински прегледани“, кажа д-р Богданова.
Б. НЕСТОРОСКА