Инвеститорот на зградата кај Воена болница „ЗСФ Ком ДООЕЛ“ во последен момент поднел жалба на поништеното конзерваторско мислење. Како што велат од Конзерваторски центар вчера на крај на работното време кога истекувал рокот за жалба, инвеститорот лично доставил жалба во архивата на институцијата. За жалбата ќе одлучува Управниот одбор на Конзерваторски центар, на седница која ќе се одржи наредната недела.
Во меѓувреме на терен не се стопирани градежните работи. Градежна механизација секојдневно работи на ископ на дупката за идната 17-катница, а веќе становите се рекламираат и продаваат.
Од Општина Карпош минатата недела за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека не ја стопираат градбата, бидејќи чекаат да видат дали инвеститорот ќе поднесе жалба на решението на Конзерваторски центар, па ако поднесе ќе размислуваат каков ќе биде одговорот на жалбата.
„Што ако инвеститорот поднесе жалба и таа се прифати. Тогаш тој може да ја тужи Општината, бидејќи има дозвола за градба. Откако ќе завршат сите жалбени постапки и решението на Конзерваторски стане правосилно ќе донесеме одлука“, рекоа од Општина Карпош.
Блокот од 17 ката со 419 станови плус деловен простор, со 2.000 жители се гради меѓу пет здравствени установи. Зградата ќе никне меѓу поликлиниката Букурешт, седиштето на Брзата помош, болницата „8 Септември“, Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија односно за дијагностика на болните со малигни заболувања и приватната болница „Жан Митрев“. Во непосредна близина е и теренот од каде со хеликоптер се носат болни и повредени во ГОБ „8 Септември“.
Парцелата каде се предвидува да никне зградата се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Според Законот за заштита на културно наследство, за да може да се гради каков било објект и да се добие градежна дозвола од Општина Карпош, урбанистичкиот проект треба да го одобри Конзерваторскиот центар.
Но, и покрај тоа ексдиректорот на Конзерваторски центар Константин Димитровски кој беше приведен за случајот со хотелот „Шар“, во средината на ноември лани издаде позитивно мислење. Врз основа на тоа позитивно мислење Општина Карпош на 18 јануари издаде дозвола за градба која станала правосилна на 1 февруари и тогаш на парцелата има градежна механизација која работи.
По реакциите во јавноста Министерството за култура формираше работна група која после неколку месеци работа констатираше дека мислењето издадено од Димитровски е спротивно на Законот за заштита на културно наследство.
А. АНТЕВСКА