Од 40 на 20 години е намалена затворската казна за осудениот за убиство Славе Илиев (62) од селото Подлес, Општина Градско. Скопска Апелација ја прифатила жалбата и ја преиначи затворската казна на Илиев. Осудениот, кој се товареше за убиство и нелегално поседување оружје, го призна делото во Основен суд Велес, беше прогласен за виновен од кривичниот совет со кој претседаваше судијката Габриела Гајдова, па му беше изречена долготрајна затворска казна во траење од 40 години.
Според Обвинителството, причина за кавгата која се случи лани на 12 јуни, во која смртно беше застрелан Миле Димов (42), а ранет Миле Воденичаров (44), била за водоводна инсталација.
На јавна седница на Апелација, адвокатот Дејан Трајчевски, бранител на обвинетиот, кажал дека судот згрешил што определил максимална казна, според возраста на 62-годишниот Илиев кој со таква казна би излегол на слобода на 102 години, со што не се постигнува целта на казнувањето, а не бил разјаснет ниту мотивот за постапувањето на Илиев. Апелациониот суд Скопје ги прифатил овие аргументи, дека со изрекувањето на ваква казна таа се изедначува со изрекување на казна доживотен затвор.
Обвинетиот Илиев како и пред судот во Велес, така и пред Апелација, изразил каење и жалење за тоа што го сторил, кажал дека нема досега во животот ништо лошо сторено, ништо погрешно, не избегал од местото на настанот и се предал на полицијата кога дошла. Додал дека претходно имале нерасчистени односи со двете лица, што придонело да се случи кривично-правниот настан.
П. ПЕЧКОВ