Натпреварот од Првата кошаркарска лига помеѓу Чаир и МЗТ Скопје не се доигра откако гостинските кошаркари велат дека биле нападнати во соблекувалната на полувремето. Мечот во салата „Шабан Трстена“, што од трибините го следеше и министерот за надворешни работи и претседателски кандидат на ДУИ Бујар Османи, беше прекинат при водство на гостите од 44:42.
„Натпреварот на гостински терен кај Чаир 2030 е прекинат по нападот од неофицијални лица врз нашите тренери и кошаркари во соблекувалната на полувремето. Најважни се здравјето и безбедноста на нашите момци“, објави МЗТ Скопје на својата фејсбук страница.
Од Чаир го демантираа инцидентот, додавајќи дека е измислен од гостинската екипа.
„Што се однесува до вестите и лагите кои кружат, целосно ги демантираме со факти. Целиот натпревар е снимен од сите агли од многу медиуми и други камери. Наводниот инцидент е фикција на противничката екипа. Како и секогаш, во моментот кога ќе видат дека ги чека пораз, измислуваат работи. Гарантираме дека во ниту еден момент немаше физички пресметки“, кажаа од КК Чаир.
МЗТ Скопје поднесе жалба до надлежните органи во Кошаркарската федерација, во која се вели дека по вербалните навреди и закани, еден член на стручниот штаб бил удрен неколкупати од неслужбено лице.