Основното јавно обвинителство Струга поднесе Обвинителен предлог против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за кривично дело – Несовесно работење во службата.
Од обвинителството велат дека Мерко, како службено лице – градоначалник на општината Струга, на 31.01.2022 година, ги повредил законските прописи за совесно постапување при именувањето на вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Лабуништа. Притоа, велат од обвинителството, донел решение и за вршител на должноста именувал лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено во членот 118 од Законот за основно образование, и немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа предвидено во членот 109 од Законот.
Така, според обвинителството, Мерко овозможил лицето да биде именувано на функцијата и да ѝ се исплаќа плата како в.д. директор 19 месеци, со што на училиштето му била нанесена штета во вкупен износ на неосновано исплатените плати и придонеси.
Минатиот месец, Обвинителството за организираниот криминал и корупција против Мерко поднесе обвинение за набавката на службено возило „ауди“ на трошок на општината.
Во јуни минатата година, САД го ставија Мерко на црна листа поради неговата вклученост во значајна корупција, соопшти Стејт Департментот.
Од американскиот Стејт Департмент велат дека Мерко, како градоначалник на Струга, злоупотребувал општински средства и се мешал во судски и други јавни процеси, наштетувајќи ѝ на довербата на македонската јавност во демократските институции и функционери.