Ако во градот Атланта, во американската сојузна држава Џорџија, доминирале економските моќници, во Битола тоа се политичките, заклучува д-р Пеце Цветановски, политиколог и долгогодишен новинар во пензија во неговата книга „Структурата на моќта во Битола“, која деновиве излезе од печат. Во книгата, која е публикација на неговиот докторски труд, тој анализирал 40 претставници на политичката и економската елита во Битола во периодот од 2011 до 2014 и интервјуирал 27 од нив. Целта му била да утврди кој има поголема моќ и дали во Битола како локална заедница одлучуваат формалните или неформалните структури на моќ.
Атланта ја зел за споредба зашто токму таму во 1956 слично истражување направил американскиот социолог Флојд Хантер и утврдил дека доминирале економските моќници, а политичарите во најголем дел ги застапувале и остварувале нивните интереси. Но, истражувањето на Цветановски покажа сосема обратна слика за Битола.
„Заклучокот е дека кај нас се уште политичкото владее над економското, иако економското е помоќно и треба во иднина економските фактори да имаат поголема и повидна улога за да можат политичките да делуваат малку поразумно, да слушаат и други и да го следат интересот на бизнисот за да може развојот на градот да дојде до израз“, вели Цветановски.
Тој има направено рангирање за тоа кој бил најмоќниот човек во Битола во периодот од 2011 до 2014 врз основа на спороведените интервјуа кај видните личности. На листата има и бизнисмени и политички функционери. На прво место е сега покојниот бизнисмен Силјан Мицевски, па Орце Камчев кој не живеел во Битола, но се стекна со големи битолски претпријатија. Следува ексградоначалникот Владимир Талески, па Цветан Панделески од ЗК „Пелагонија“ кој исто така не живее во Битола. Петти на листата е експратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски, па поранешните министри од Битола, Јорго Шундовски за транспорт и врски и Зоран Коњановски за одбрана, и други.
На прашањето дали состојбите денес се променети од пред десет години кога го правеше истражувањето, Цветановски смета дека некои од моќниците се сменети, но ситауцијата не е многу променета.
„Се чини дека оние кои располагаат со економска моќ ја имаат во секој период и можат да дејствуваат. Проблемот е политичкото кај нас, политичките партии кај нас уште се зависни од политичките централи во Скопје. Многу е симптоматично колку се тие ефикасни ако нема притисок од централата, дали по свое работат или по директива на центарот на партијата кој најчесто се наоѓа во Скопје“, вели Цветановски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА