ВО АНКЕТНИТЕ ЛИСТОВИ НА КАНДИДАТИТЕ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НАЈМНОГУ ИМОТ ПРИЈАВИЛЕ СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ И МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ, БУЈАР ОСМАНИ ПРИЈАВИЛ САМО КОЛА

    ВО АНКЕТНИТЕ ЛИСТОВИ НА КАНДИДАТИТЕ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НАЈМНОГУ ИМОТ ПРИЈАВИЛЕ СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ И МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ, БУЈАР ОСМАНИ ПРИЈАВИЛ САМО КОЛАШест од претседателските кандидати имаат поднесено анкетни листови во Државната комисија за спречување на корупцијата бидејќи и досега вршеле јавни функции. За професорката Ванкова која досега не вршела јавна функција, нема анкетен лист. (Фото: СДК.МК)

    На претстојните претседателски избори, во првиот круг на 24 април ќе има седум кандидати и тоа актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е кандидат на СДСМ, кандидатката на ВМРО-ДМПНЕ Гордана Сиљановска-Давкова, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Максим Димитриевски од ЗНАМ, Билјана Ванковска кандидатка на Левица, Бујар Османи од ДУИ и Арбен Таравари кандидат на албанската опозиција.

    Шест од претседателските кандидати имаат поднесено анкетни листови во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), бидејќи и досега вршеле јавни функции. За професорката Ванкова која досега не вршела јавна функција, нема анкетен лист.

    • Анкетниот лист на актуелниот претседател Стево Пендаровски е кус. Тој на свое име има кола „југо“ во вредност од 1.000 евра и штедна книшка во банка со 12.000 евра. На име на неговата сопруга има земјиште во Раштак и кола „рено меган“.
    • Професорката и пратеничка во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска-Давкова, во анкетниот лист прикажала дека заедно со сопругот имаат давизна сметка со 11.000 евра, штедна девизна сметка со 55.000 евра и 3.500 долари и денарска штедна книшка со 320.000 денари. На име на нејзиниот сопруг е куќа во Скопје од 100 метри квадратни и возило „хонда“.
    • Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски на свое име има куќа од 59 квадратни метри со земјиште од 1.200 метри квадратни во Куманово, земјиште од 10.000 метри квадратни во Куманово, кола „опел астра“, сопственички удели од 200.000 денари, кредити од 12.000 евра, злато во вредност од 1.000 евра и 950.000 денари  во готово. Неговата сопруга има имот во Куманово од 700 метри квадратни, удели во висина од 154.000 денари и златен накит од 120.000 денари. На име на родителите, Димитриевски пријавил куќа од 62 метри квадратни со двор, земјиште од 5.000 метри квадратни во Куманово, земјиште од 2.000 метри квадратни во Куманово и земјиште од 832 метри квадратни во Куманово. Неговите родители имаат и две коли во вредност од 260.000 денари. Децата на штедни книшки имаат 23.000 евра.
    • Бујар Османи во анкетниот лист навел дека има кола „ауди А6“, заем од 26.000 евра и кредит од 58.000 евра. Куќата од 400 метри квадратни во Скопје е на име не неговите родители.
    • Арбен Таравари има куќа во Скопје од 260 метри квадратни, кола „волво“, денарски депозит од 21.000 денари и кредит од 100.000 евра. Како заеднички имот со сопругата имаат слики од македонски автори во вредност од околу 4.000 евра. На име на сопругата има пријавено стан во Скопје од 94 метри квадратни, кола „цитроен Ц4“ и златен накит во вредност од околу 20.000 евра. На име на родителите се пријавени две куќи во Гостивар, една од 350 метри квадратни, втората од 50, деловни простории и градежно земјиште.
    • Стевчо Јакимовски има земјиште во Нерези во вредност од 44.000 евра, животно осигурување од 1.170 евра годишно, удели од 300.000 денари, побарувања по основ на даден заем од 400.000 денари, депозит од 600.000 денари, трансакциска сметка со 38.000 денари и штеден влог од 80.000 денари. На име на неговата сопруга во анкетниот лист има земјиште од 80 метри квадратни во Скопје, куќа од 320 метри квадратни во Скопје, две коли „БМВ“ и „фолксваген“, удели во висина од 5.000 евра, депозит од 2 милиона денари, транскациска сметка со 70.000 денари и кредит од 920.000 денари. За неговите деца навел дека имаат кола „БМВ“ и мотор „јамаха“, штеден влог од 113.000 денари и моторна санка за снег. Во анкетниот лист стои и камп-приколка и накит во вредност од 300.000 денари за кои не е наведена сопственоста, како и насад со малина на име на неговите родители.

    Првиот круг на претседателски избори ќе се одржи на 24 април, среда. Изборната кампања започнува на 4 април во 00:00 часот и ќе трае до 24:00 часот на 22 април. Вториот круг претседателски избор ќе се одржи на 8 мај, среда, заедно со парламентарните избори.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира