10 НАСИЛНИЦИ УПАДНАЛЕ НОЌЕ ВО МАЛ ГРУПЕН ДОМ СО ДЕЦА ВО РИЗИК, НА НЕЗАШТИТЕНИОТ ВОСПИТУВАЧ МУ ГО ЗЕЛЕ МОБИЛНИОТ ЗА ДА НЕ ПОВИКА ПОМОШ

10 НАСИЛНИЦИ УПАДНАЛЕ НОЌЕ ВО МАЛ ГРУПЕН ДОМ СО ДЕЦА ВО РИЗИК, НА НЕЗАШТИТЕНИОТ ВОСПИТУВАЧ МУ ГО ЗЕЛЕ МОБИЛНИОТ ЗА ДА НЕ ПОВИКА ПОМОШДел од децата биле во сериозен судир со законот и ваквата лабава заштита од надворешни напаѓачи не е соодветна, алармираат воспитувачите; - Соба во мал групен дом. (Фото: СДК.МК)

Еден месец нема реакција на институциите откако деца во ризик со воспитно-социјални проблеми сместени во мали групни домови биле цел на напад на надворешни лица, а загрозена е безбедноста и на дежурниот воспитувач кој не може да ги одбрани. Ништо не е сменето по насилниот упад на 10-ина лица во малиот групен дом за деца на 26 февруари околу 23 часот. Оваа насилна банда со упадот ги разбудила сите деца, а на дежурниот воспитувач, сам во смената, му го одзела телефонот кога сакал да се јави во полиција и да ги спаси децата и себеси. Му се заканиле по животот.

Утредента по настанот остро реагираше Моника Чекаловиќ, социјална работничка, која бара заштита во име на сите колеги воспитувачи кои работат во мали групни домови и прашува дали некој треба да биде убиен, па да реагираат Министерството за труд и социјала и МВР.

Таа тврди дека од полицијата како колегиум добиле „доста поучен и корисен совет“: – Нареден пат не отворајте врата!

За овој упад на бандити во мал групен дом во Скопје, како и за револтот на воспитувачите кои се незаштитени и се оставени сами да се справуваат кога им е загрозена нивната и безбедноста на децата за кои се одговорни, побаравме одговор од кабинетот на министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски.

Според одговорот, ни тој не направил ништо за овие неколку недели по настанот, а безбедноста е оставена на приватна агенција, чии луѓе не стојат таму 24/7, туку доаѓаат на повик, а им треба најмалку 20 минути да дојдат.

„Министерството за труд и социјална политика е во тек со сите случувања во малиот групен дом за згрижување на деца со нарушено поведение и воспитно-социјални проблеми во Скопје. Нападот е пријавен кај истражните органи. Даваме поддршка на менаџментот на установата за заштита на децата на највисоко ниво при што, изработени се итни насоки за обезбедување на максимална безбедност на корисниците и превентивно делување. Во моментов, објектот е обезбедуван од страна на приватна агенција за обезбедување, а неопходна е реорганизација на процесот на деинституционализација, со итно вклучување на третмани од здравствен и социјален аспект кои во моментов, за жал, недостасуваат во малите групни домови“, е одговорот од кабинетот на Велковски.

Додаваат дека во иднина било планирано зголемување на буџетот наменет исклучиво за унапредување на процесот на деинституционализација.

Чекаловиќ се чуди како може во градинките и во школите да има постојано обезбедување, а во овие домови со деца со воспитно-социјални проблеми безбедноста на децата и на колегите да биде оставена на паник тастер и на креативноста на дежурниот воспитувач?

„Во овие домови се сместени деца со воспитно-социјални проблеми. Дел од децата, со огромен труд, работа и вклучување во низа активности имаат позитивни промени во однесувањето, што впрочем е целта на овој третман – градење за здрави лични капацитети, здрави навики, вклучување во редовен образовен процес и позитивно интегрирање во општеството. За жал, постои и бројка на деца кои и покрај сите вложувања, се јавуваат како деца во судир со законот, за кои со години алармираме до судови, јавни обвинителства, старателски органи, дека не одговара начинот на згрижување и согласно поведението треба да бидат сместени во друг облик на заштита“, вели Чекаловиќ во обид да ги освести успаните надлежни органи.

Предупредува дека отворениот облик на заштита не нуди дополнителни можности за соодветен третман со високоризични деца. Прашува, како може за бутање во администрација да има пари, а за обезбедување во вакви мали групни домови да нема?

„Кај нас чекаме да се случи нешто катастрофално за да постапуваме системски. На ова сетете се нареден пат кога ќе прочитате некој настан каде што секогаш се етикетирани воспитувачите што биле на смена (читај – еден воспитувач на смена, затоа што финансии нема за вработување на даватели на услуги, ама за административни работници секогаш има), а никогаш релевантните чинители кои ги носат конечните одлуки во врска со овие деца“, револтирана е Чекаловиќ.

Патем. таа потсетува дека овие деца се под старателство на државата, односно деца на Државата и секој пропуст е повеќе вина на системот отколку нивна.

„Ми се наметнува прашањето: Како треба јас како дежурен воспитувач да реагирам во момент кога некој ми ги вознемирува корисниците во домот во кој треба да се чувствуваат како да е нивен дом, како да реагирам во случај ако некој да ми нападне корисник и во колкава опасност се впуштам јас? Како ме заштитува мене системот ? И да! Ова ќе беше ударна вест доколку настрадаше некој од корисниците или колегата, можеби мотив за да почне некој да ги подобрува условите во кои работиме, оние услови кои ги ветувате со години, а од истите добивме само ветер и магла“, ги прашува Чекаловиќ надлежните.

До објавата на текстот не стаса одговор од МВР дали се идентификувани и фатени 10-темина напаѓачи кои се заканувале по живот, со оглед на тоа дека во нападнатиот мал групен дом имало и безбедносни камери.

С. К. ДЕЛЕВСКА

 

 

 


 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира