Полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека Европа е во предвоена состојба и ако Русија ја порази Украина, никој во Европа нема да биде безбеден.
„Не сакам никого да плашам, но војна веќе не е концепт од минатото. Таа е реална и почна пред две години“, изјави Туск.
Русија ги засили бомбардирањата на Украина во изминатите недели. Украина кажа дека ноќеска соборила 58 дронови и 26 проектили и дека била погодена енергетска инфраструктура во шест региони.
Туск кажа дека Владимир Путин веќе ја обвини Украина за џихадистичкиот напад во концертната сала близу Москва без докази и „очигледно сака да ги оправда засилените напади врз цивилни цели во Украина“.
Тој ги повика европските лидери повеќе да вложуваат во одбраната и да ја зголемат помошта за Украина.
„Следните две години од војната ќе решат сѐ. Живееме во најкритичниот момент од крајот на Втората светска војна. Она што е најзагрижувачки е дека секое сценарио е можно, а Европа не е подготвена“, кажа Туск.
Путин оваа недела изјави дека Русија не планира да нападне ниедна членка на НАТО, па така ни Полска, но предупреди дека ако западот ѝ даде борбени авиони „Ф-16“ на Украина, тие ќе бидат легитимна мета без разлика каде се наоѓаат.