ИСКРШЕНИ СЕ СИТЕ ПРОЗОРЦИ НА ЦРКВАТА „СВ. АТАНАСИЈ“ НА ТЕТОВСКОТО КАЛЕ, ОД МПЦ ВЕЛАТ ТОА Е ЧИН НА ВАНДАЛИЗАМ И НЕЧОВЕЧНОСТ

    ИСКРШЕНИ СЕ СИТЕ ПРОЗОРЦИ НА ЦРКВАТА „СВ. АТАНАСИЈ“ НА ТЕТОВСКОТО КАЛЕ, ОД МПЦ ВЕЛАТ ТОА Е ЧИН НА ВАНДАЛИЗАМ И НЕЧОВЕЧНОСТЗасега непознати сторители ги искршиле сите прозорци на црквата. (Фото: СДК.МК)

    Црквата „Св. Атанасиј“ која се наоѓа на тетовското Кале повторно е оштетена. Овојпат, засега непознати сторители, ги искршиле сите прозорци на црквата. Од Тетовско-гостиварската епархија остро го осудија оштетувањето на црквата како гест на верска омраза.

    „Тетовско-гостиварската епархија на МПЦ ја известува јавноста дека утрово пријави во полиција упад на манастирскиот имот ‘Св. Атанасиј’ на тетовското Кале при што е оштетена црквата, искршени се сите прозорци и направена е сериозна материјална штета. Ова се случува нецели десет дена по претходното пријавување на упад во манастирот и сквернавење на црквата со декорации од знаме на друга држава. Ова е време на големиот пост кога христијаните се подготвуваат за Христовото воскреснување, а нашите сограѓани муслимани се во рамазански пости, па оттаму сметаме дека ова би требало да е време за преиспитување, созревање и будење на човечност“, се вели во соопштението од Тетовско-гостиварската епархија.

    Пред речиси две недели, на денот кога пред 23 години започна воениот конфликт токму на тетовското Кале, на оваа црква беше поставено знамето на Република Албанија, што исто така беше оценето како намерна провокација.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира