Новинарот и основач на „ПорталиИкс“ Фуркан Салиу попладнево е уапсен од припадници на специјална полициска единица, по фудбалски натпревар во скопското село Коњаре, потврдија од неговиот медиум. Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) побараа Салиу да биде пуштен на слобода и МВР да ја информира јавноста за причините за неговото приведување.
„Попладневно на социјалните мрежи и на неколку онлајн медиуми беше објавено видео од кое се забележува како повеќе униформирани специјалци од МВР апсат лице кое се наоѓа на земја и не пружа отпор. Непосредно по оваа објава, следеа неколку сензационалистички наслови од медиуми, кои се блиски до политички партии, кои шпекулираат разни основи за притворање на новинарот Фуркан, а притоа се повикуваат на наводни полициски извори“, велат од ЗНМ.
ЗНМ и Самостојниот синдикат на новинарите (ССНМ) апелираат случајот веднаш да биде расчистен, да се внимава да не се повредат правата на колегата Салиу, а политичките партии да не го користат во своите дневно политички препукувања и за партиски цели на изборната кампања.