СЕ НАМАЛИ БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ ОД ГОЛЕМА КАШЛИЦА, БЛАГОДАРЕНИЕ НА ПОРАСТОТ НА ВАКЦИНИРАНИ ДЕЦА, ВЕЛИ Д-Р ЦВЕЈОСКА-ЧОЛАКОВСКА, ДИРЕКТОРКА НА ДЕТСКА КЛИНИКА

    СЕ НАМАЛИ БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ ОД ГОЛЕМА КАШЛИЦА, БЛАГОДАРЕНИЕ НА ПОРАСТОТ НА ВАКЦИНИРАНИ ДЕЦА, ВЕЛИ Д-Р ЦВЕЈОСКА-ЧОЛАКОВСКА, ДИРЕКТОРКА НА ДЕТСКА КЛИНИКАД-р Валентина Цвејоска-Чолаковска, медицински директор на Детската клиника и организацискиот директор Аркин Јахии на денешниот брифинг. (Фото: К. Попов)

    Се намалува бројот на заболени деца од голема кашлица во земјава, а тоа се должи на зголемувањето на имунитетот со порастот на вакцинацијата, рече денеска доц. д-р Валентина Цвејоска-Чолаковска, директорка на Клиниката за детски болести на брифинг со медиумите.

    „До сега, во државата се пријавени 443 болни со потврден пертусис, а на нашата Клиника болнички беа лекувани шест деца, доминантно мали доенчиња. Сите деца беа испишани во добра здравствена состојба. Подолго време немаме хоспитализации на деца со голема кашлица на нашата Клиника. Причините за оваа епидемија се должат на значително намалениот опфат со вакцинација според редовниот календар за имунизација, што резултираше со намален колективен имунитет. Инаку, пред епидемијата, последни пријавени спорадични случаи на голема кашлица беа забележани во 2018. Изразуваме задоволство што се зголеми вакцинацијата со вакцини кои содржат пертусис, со што се подигна имунитетот кај децата. Исто така погодуваше и тоа што и сезоната на респираторните заболувања е на крај, што резултираше со намалување на бројот на болни“, кажа директорката, која на оваа функција е од крајот на 2023.

    Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 5 до 11 април, пријавени се 44 нови случаи на голема кашлица, со намалување од 10 отсто споредено со претходниот седмодневен период (50). Од 18 јануари до 11 април,  дадени се вкупно 39.031 дози на вакцина која содржи компонента против голема кашлица.

    На брифингот за работењето во првите три месеци од 2024, д-р Цвејоска-Чолаковска зборуваше и за пациентите со цистична фиброза и кажа дека завршила постапката за набавка на лекот „трикафта“.

    „Ова значи дека сите пациенти со цистична фиброза над 12-годишна возраст, погодни за модулаторна терапија, ќе го добијат лекот ‘трикафта’ во текот на април, терапија која е најсовремена за третман на оваа болест. Инаку, терапијата со ‘трикафта’во нашата земја е достапна од минатата година и веќе имаме искуства за исклучителниот позитивен ефект на терапијата кај овие пациенти“, додаде директорката.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира