Иако уште пред една година во април министерот за транспорт и врски Благој Бочварски најави дека ќе се гради нов мост на Вардар кај Башино Село, работите не се поместени од тоа. Според Бочварски, причина било што досега распишаните два повика за проект за нов мост не биле успешни.
„Проектната програма е направена од страна на ЈП ‘Државни патишта‘ и Градежен факултет. Беа распишани два тендера за проект за нов мост, но, за жал, беа неуспешни. Сега сме пред распишување на третата јавна набавка за избор на проектант. Согласно градежните норми и стандарди, потребно е да имаме техничка документација, па потоа да се распише тендер за избор на изведувач кој ќе го гради мостот“, кажа Бочварски.
Според проценките на професорите од Градежен факултет, изградбата на новиот мост ќе биде со мало изместување на трасата на постојниот патен правец Велес-Башино Село, со цел да се избеге остриот свијок пред постоечкиот мост.
Стручњаците уште во септември 2018 по извршените испитувања констатирале дека столбовите на мостот се напукнати, носечката арматура е сериозно оштетена од корозија со годините и има одводнување на мостовската конструкција.
Постојниот мост на Вардар кај Башино Село е стар 53 години, изграден од ЈНА во 1971 како времен, во должина од 101 метар. Тој е армирано-бетонски, од полумонтажен тип. Преку него се одвива сообраќајот на тешки возила и камиони до индустриската зона на Велес, но и за регионот на Азот, од каде што се носат сечена дрвена маса и камен од бројните каменоломи. Доколку се случи некакво ошетување на овој мост и тој стане неупотреблив, истите овие тешки возила ќе мора да минуваат низ центарот на Велес.
П. ПЕЧКОВ