„Лимон“ на американската дебитантка Јаница Браво го отвори синоќа 46. Издание на филмскиот фестивал во Ротердам, најголемиот фестивал на авторски независен филм во светот. Ротердам е специфичен оти конкуренцијата за наградите Златен тигар е од дебитантски или втор филм на авторите и носи и 40.000 евра, а и по тоа што од лани има уште една селекција за награди – Големо платно, во која публиката го избира победникот кој добива и 30.000 евра.
Во обете селекции годинава се по 8 филмови од цел свет, а вкупната програма на Ротердам годинава има 480 дела распоредени во десетина единици.
„Годинешната селекција за Златен тигар има храбри автори кои не се плашат да користат и други медиуми, алтернативни наративни структури и провокативни релевантни теми“, вели директорот на фестивалот Беро Бејер, кој синоќа на отварањето ја објасни и годинешната општа тема на фестивалот, паралаксични погледи: различни погледи и симултано гледање.
Покрај филмовите, белег на Ротердам се и специјалните настани, дебати, изложби, перформанси, чиј предмет се најактуелните теми на совремието.
Годинава 4 реномирани автори ќе одржат мастеркласови – Бела Тар, Оливије Асајас, Андреа Арнолд и Бери Џенкинс, чиј филм номиниран за годинешните оскари „Месечева светлина“ ќе ја отвори специјалната програма Црни бунтовници, за импликациите на културната поделеност и растечкиот расизам.
На Ротердам лаб, работилница за млади продуценти, годинава учествуваат и двајца македонски професионалци, Елена Станишева и Гоце Кралевски.
Ротердам затвара на 4 февруари со европската премиера на американскиот „Жени на 20. век“ на Мајк Милс, кој е номиниран за Златен глобус за најдобар мјузикл или комедија.
М. КОСТОВA