ЌЕ ВЕ ИЗБРКАМЕ НА КЛОЦИ АКО ВО ИЗБОРНИТЕ ПРОГРАМИ НЕ ВЕТИТЕ ДЕКА ЌЕ СТАВИТЕ РЕД СО МУЗИКАТА ШТО ЕЧИ ОД „ИНТЕРМЕЦО“, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ НА КАПИШТЕЦ ВО СКОПЈЕ

    ЌЕ ВЕ ИЗБРКАМЕ НА КЛОЦИ АКО ВО ИЗБОРНИТЕ ПРОГРАМИ НЕ ВЕТИТЕ ДЕКА ЌЕ СТАВИТЕ РЕД СО МУЗИКАТА ШТО ЕЧИ ОД „ИНТЕРМЕЦО“, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ НА КАПИШТЕЦ ВО СКОПЈЕПретставници од групата „За пристоен Капиштец“ на средба со градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски побараа решавање на проблемот со самоволието на кафеанџиите. (Фото: Фејсбук)

    Жителите на населбата Капиштец во центарот на Скопје, кои секој ден мака мачат со бучавата до доцните часови од кафулето „Интермецо“ и паркираните коли низ цела улица, бараат политичките партии овој проблем да го стават во своите изборни програми.

    Предупредувањата до партиските активисти закачени на влезните врати на кулите и зградите во Капиштец на улицата Народен фронт во Скопје – Фото: СДК.МК

    „Ако во вашите изборни програми не е експлицитно ветено дека ќе се воведе ред со бучавата и сообраќајот кај ‘Интермецо‘ и другите кафеани, ќе бидете избркани на клоци“, велат граѓаните кои ја формираа групата „За пристоен Капиштец“ поради секојдневните проблеми со кои се соочуваат.

    Претставници од групата „За пристоен Капиштец“ пред три дена имаа средба и со градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски од кого побараа решавање на проблемот со самоволието на кафеанџиите. На состанокот биле присутни и претставници на министерката за животна средина, Министерството за економија, Државен инспекторат за труд и ЈП „Паркинзи Општина Центар“.

    „Сите декларираа заинтересираност и желба да се реши проблемот со бучавата и сообраќајот, но да видиме дали тоа е само политичка кампања или ќе има резултати. Градоначалникот најави дека на седница на Советот е одобрено да се постават камери на стратешки места за превенција од вандализам, а како следен чекор, наше барање е да се постави и мрежа на мерни точки за континуирано мерење и јавно публикување на бучава. Во наредниот период преку Општината ќе се побара до надлежните институции МВР и Инспекторатот за животна средина официјално да постапат. Договорено е наши претставници директно да соработуваат со нивните служби за ова прашање за поголема координација и транспарентност. Се надеваме дека ќе се мрднат работите во позитивна насока, и ќе има ефект оваа средба“, велат граѓаните по средбата во Општина Центар.

    Градоначалникот Герасимовски на жителите им рекол дека тие досега не се пожалиле за бучавата во „Интермецо“ и дека ако тоа го стореле тој ќе го решел проблемот како што го решил и во Дебар Маало по жалбите од жителите.

    САКАМДАКАЖАМ.МК со години пишува за овој проблем на жителите во Капиштец, како и за тоа дека општинските и државните институции не реагираат за темелно решавање.

    Кафулето „Интермецо“ неколку пати беше казнето од Општина Центар за пуштање гласна музика, а лани во март заедно со „Мош“ добија казна за забрана за работа од 10 дена, бидејќи работеа после 1 часот по полноќ и поради гласна музика. Инспекторите со денови не можеа да им ја врачат казната и да ги затворат кафулињата бидејќи газдите не ги примаа решенијата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира