Министерството за образование и наука (МОН) го распиша изменетиот конкурс за запишување ученици во јавните средни училишта во учебната 2024/2025 година за гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес. Наспроти реакцијата и барањето од Советот на Општина Велес да се почитува ставот на локалната власт, МОН не ги послуша. Иако Општина Велес како основач на гимназијата бара 4 паралелки на македонски, една билингвална и една на албански, Министерството на 30 март распиша конкурс за три на македонски јазик, една билингвална и две на албански јазик.
По ова следеше реакција на Советот на Општина Велес, па МОН во четвртокот распиша изменет конкурс. Со него, во прва година ќе се запишат 238 ученици во 7 паралелки, од кои 136 ученици во 4 паралелки со настава на македонски јазик и 68 ученици во 2 паралелки со настава на албански јазик и една македонско-англиска билингвална паралелка со 34 ученици.
Советникот Коста Нојков од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ на седницата кажа дека распишаниот конкрус од МОН не е во согласност со законот.
„Бројката на паралелки по распишаниот конкурс на МОН е упад во системот од страна на министерот. Законот за средно образование во член 42, став два, пишува дека запишувањето во општинските средни училишта се врши по пат на конкурс кој го објавува МОН, по претходно доставени предлози од страна на Општините. Во конкретниот случај, министерот не го почитувал барањето на Општината и извршил упад“, кажа Нојков.
Советникот Марјан Николов од СДСМ предложи пред членовите на Советот министерот или претставник на Министерството за образование да објасни од каде ги црпат надлежностите да може да менуваат одлука кога таа е во нивна надлежност.
„Неговото дискреционо право не значи дека тој може да фаворизира одредени ученици, други да казнува. Тој е министер на сите ученици. Ако не ја решиме состојбата по негово видување, вели дека ја политизираме, а тој не ја политизира ли со неговата одлука? Запишување ученици со помал број поени од потребните 60, што лани се случи, не е политика на образование, туку политика во образование. Недозволиво е во првиот уписен рок ученици со помал број од потребните 60 поени да се отфрлат за на есен други ученици бидат примени со 30 поени“, рече Николов.
Советникот Невзат Муаремовски од ДУИ со став дека се наметнува проблем со националноста на учениците.
„Целта на оваа реакција, што никој не ја кажува јавно, е да не се отвора уште една паралелка на албански јазик во гимназијата. Во Бузалково завршуваат 50 ученици, во Горно Јаболчиште над 80 ученици кои учат на мајчин албански јазик. Тие некаде мора да се запишат“, рече Муаремовски.
Директорот на гимназијата Илија Попов кажа дека 11-те ученици кои дополнително по барање на МОН биле примени лани есента имале 64 единици, што резултирало со симнување на просекот во училиштето. За разлика од нив, останатите 21 ученик во паралеката кои учат на мајчин албански јазик, примени со 60 поени, имале високи оцнеки.
„Ние не сме против некој да не се запишува, туку да не се запишуваат ученици со помал број поени од предвидените. Олкав број на слаби оценки го симна резултатот на гимназијата и е нешто што не се памти во училиштето“, рече Попов.
На реакцијата на Советот на Општината, одговорија од МОН.
„Неточни се обвинувањата за наводно укинување на паралелка на македонски наставен јазик, за сметка на воведување паралелка на албански наставен јазик во прва година. Конкурсот за упис во средно образование за учебната 2024/2025 година предвидува идентичен број паралелки, односно места за ученици како и минатата учебна година. Тие се дефинирани согласно реалните потреби на општината“, соопштија од МОН.
Реагираше и градоначалникот Марко Колев, кој рече дека секој ученик треба да биде запишан таму каде што ги исполнува условите, а не каде ќе посака.
„Учениците кои ги исполнуваат условите да бидат примени, а тие што не ги исполнуваат да бидат пренасочени во паралелки каде има основ да бидат примени. Учениците треба да бидат запишани според бројот на поени, тие што имаат помалку да конкурираат каде има можност и таму да бидат примени. И јас сакав да се запишам во Економско, заедно со другарите, тогаш имаше приемен, но имав по два поени математика и македонски, ме фати паника поради мојата дислексија, за која и не знаев дека ја имам тогаш, и не ме примија. Се запишав УЗУС машинско, па се префрлив електро и завршив. Но не правев драми дека сакам да учам по секоја цена економска. Сега некој нешто ветил, тера приватна агенда и ајде се запишуваат со помал број на поени во училиште, што не е дозволиво. И еве јавно да кажам, во првиот упиисн рок лани деветтоодделенци Македонци со 58,59 поени не беа запишани, а во септември деца Албанци со 30-40 поени беа запишани. Каде е тука еднаквоста, нели сите деца се рамноправни. Ако оваа година се јават 120 ученика Албанци кои ги исполнуваат учениците, ќе отвориме паралеки за сите. Мора за сите деца да има ист третман, да бидат примени сите кои имаат 60 поени“, кажа градоначалникот Марко Колев.
Реакцијата во форма на заклучок на Советот на Општина Велес, ја поддржаа и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и беше прифатена со 19 гласа за и два против, од Муаремовски ДУИ и Бишевац од СДСМ.
Со заклучокот, Советот на Општина Велес бара од Министерството за образование и наука да го почитува предлогот на локалната власт за упис на ученици во прва година во гимназијата „Кочо Рацин“. Или да се запишат 204 ученици во 6 паралелки и тоа 4 паралелки со изведување настава на македонски јазик, 1 билингвална македонско-англиска паралелка и 1 паралелка со изведување настава на јазикот на заедницата – албански јазик. Тоа МОН не го стори, па со изменетиот конкрус се отвораат седум паралелки за 238 ученици, четири на македонски, две на албански и една билингвална.
П. ПЕЧКОВ