Вкупно 314 граѓани ќе изгубат многу пари затоа што се зачленети во вториот пензиски фонд. Станува збор за осигуреници кои во 2005 година имале околу 10-15 години до пензионирање и не требало да станат членови на двостолбниот пензиски систем.
Скандалозната бројка излезе на виделина откако тројца граѓани поднеле претставки до Народниот правобранител. Тие биле фрапирани кога по поднесеното барање за пензија, ПИОМ им пресметал далеку пониски пензии од она што реално требало да го добијат.
„Во приговорите граѓаните кажуваат дека никој не им кажал, ниту ги предупредил дека не требало да станат членови на приватните фондови затоа што немаат доволно време да акумулираат доволно средства и за нив членството било финансиски неисплатливо“, велат од Народниот правобранител.
„Тие велат дека агентите кои им ги понудиле договорите со приватните пензиски друштва ги довеле до заблуда и поради тоа ние имаме сомнеж во нивната работа. Но исто така ние побаравме од Агенцијата за супервизија (МАПАС) да ни покаже дека превземала нешто за да ги заштити осигурениците. Тие одговорија дека испратиле писмено укажување и телефонски се јаувале кај овие осигуреници, но немаат материјални докази да ни го потврдат тоа. Тоа го одрекоа и луѓето што ни поднесоа приговори. Затоа ние побаравме на овие осигуреници да им биде дозволено да го раскинат договорот со пензиските друштва и да бидат вратени во ПИОМ“, објаснуваат од кабинетот на Народниот правобранител.
МАПАС го известил Народниот правобранител дека во пензискиот системот има вкупно 314 осигуреници кои ќе изгубат многу пари. Истовремено МАПАС најавиле дека ќе предложат законски измени на Министерството за труд и социјална политика, со кои пак, ќе се направи проверка на сите членови кои при потпишување на договор со приватните пензиски друштва (2005 г.) имале 38 години, биле родени во или пред 1967 година, имале најмалку 5 години работен стаж или пак биле првовработени од 2003 година. Сите тие треба да добијат можност, по нивно барање, да им се поништи членството во вториот пензиски столб, а парите да им бидат префрлени во ПИОМ.