ПОВИКУВАМ НА ЕДИНСТВО, ЌЕ СОРАБОТУВАМ И СО ОПОЗИЦИЈАТА, РЕЧЕ СИЛЈАНОВСКА ОТКАКО ВО ПРВИОТ КРУГ ОСВОИ ДВОЈНО ПОВЕЌЕ ГЛАСОВИ ОД ПЕНДАРОВСКИ

    ПОВИКУВАМ НА ЕДИНСТВО, ЌЕ СОРАБОТУВАМ И СО ОПОЗИЦИЈАТА, РЕЧЕ СИЛЈАНОВСКА ОТКАКО ВО ПРВИОТ КРУГ ОСВОИ ДВОЈНО ПОВЕЌЕ ГЛАСОВИ ОД ПЕНДАРОВСКИЈас знам дека она што го ветив, ќе го остварам, кажа Силјановска. (Фото: Ѓ. Личовски)

    По неофицијалните резултати што ги презентираше ВМРО-ДПМНЕ вечерва, а спoред кои убедлива победа во првиот круг од претседателските избори има партиската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова, таа се обрати во партиското седиште во Скопје. Според првичните неофицијални резултати на Државната изборна комисија (ДИК) од првиот круг на претседателските избори по 80 отсто преброени гласови, Силјановска освои 144.000 гласови повеќе од кандидатот на СДСМ и досегашен претседател Стево Пендаровски.

    Претседателка, претседател на држава мора да биде надпартиска личност, да слуша, исполнува, да има знаење, да ги слуша професорите, експертите, рече Силјановска.

    „Повикувам на единство, ќе соработувам со премиерот, Собранието, медиумите, но и со опозицијата“, кажа таа.

    Изборниот процес, рече, е најстрасниот процес, а во дебатата „ние 7-темина кандидати не го пречекоривме лимитот на пристојноста“.

    „Посебно сум горда на жените на Македонија, без оглед на политичка припадност, тие беа моја инспирација. Деновиве среќавам жени од други партии, кои велат дека доаѓа нашето време. Имаме ум, енергија и разум и време е ова општество да го искористи тоа. Јас знам дека она што го ветив, ќе го остварам”, кажа Силјановска.

    Според неофицијалните резултати од гласањето, во вториот круг на претседателските избори ќе одат Силјановска и Пендаровски, а ќе се одржи на 8 мај заедно со парламентарните избори.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира