ОТКАКО ДУИ И ДПА ОБВИНИЈА ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈА, ГРАД СКОПЈЕ ГИ ВРАТИ ДРЖАВНИТЕ АВТОБУСИ 9 И 19

    ОТКАКО ДУИ И ДПА ОБВИНИЈА ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈА, ГРАД СКОПЈЕ ГИ ВРАТИ ДРЖАВНИТЕ АВТОБУСИ 9 И 19

    Автобусите на Јавното собраќајно претпријатие – Скопје (ЈСП) ќе се вратат на линиите девет и деветнаесет, на барање на советниците од ДУИ и од ДПА во Советот на Скопје. Тие од почетокот на месецов не возат на овие линии оти со Одлука за линиски превоз, веќе изгласана од Советот на Град Скопје, им се доделени исклучиво на приватните превозници.

    Советниците од ДУИ и ДПА ги обвинија градоначалникот на Скопје Коце Трајановски и директорот на ЈСП, Игор Јанушев за дискриминација.

    „Ова е скандал за кој вината ја сносат градоначалникот на Скопје и директорот на ЈСП. Да ги потсетам дека со оваа дискриминаторна и ниска политика ја покажуваат логичната матрица на крајно безобразен начин на омаловажување, понижување на сите тие што не се Македонци. Со овој фашистички, селски и крајно безобразен менталитет го покажаа своето вистинско лице. Тоа е врвот на еден непринципиелен, понижувачки и дискриминаторски однос на владејачката ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. По којзнае кој пат, Град Скопје ги подели граѓаните на два срамни табора. Инсистирам да се измени Одлуката на Град Скопје, да се врати назад можноста да се користат новите автобуси на ЈСП купени и со парите на албанските граѓани кои плаќаат даноци пропишани од државата и тоа 80 отсто од определениот број на автобуси да бидат на ЈСП, а 20 отсто да бидат автобуси на приватни превозници“, побара советникот од ДПА во Советот на Скопје, Идриз Орана.

    Исто барање до Советот на Скопје достави и советничката група на ДУИ, па на денешната седница, советниците од овие две партии се напаѓаа едни со други за тоа кој гласал, а кој не за веќе донесената Одлука за линиски превоз на штета на корисниците на линиите девет и деветнаесет.

    На обвинувањата со објаснување, одговори градоначалникот Трајановски.

    „Напрaвен е пропуст во изготвување на Одлуката на овие линии, кој ќе биде поправен“, рече градоначалникот Трајановски.

    Директорот на ЈСП, Игор Јанушев, рече дека исто како и досега, ќе ги реализираат и ќе ги почитуваат одлуките на Советот.

    Советот изгласа измена на Одлуката за линиски превоз со која автобусите на ЈСП ќе бидат вратени на спорните линии.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира