Кинескиот сопственик на ТикТок, „Бајтденс“, објави дека нема да ја продаде популарната апликација, откако американскиот Конгрес деновиве изгласа закон кој предвидува нејзина забрана во САД ако не биде продадена.
„‘Бајтденс‘ нема планови да ја продаде ТикТок“, соопшти компанијата, која најави дека ќе го предизвика на суд „неуставниот закон“.
Законот за можна забрана на ТикТок во средата беше потпишан и од американскиот претседател Џо Бајден и тој му остава простор на „Бајтденс“ да ја продаде апликацијата во рок од девет месеци.
САД и другите западни држави се загрижени поради тоа што кинеските власти ја засилуваат контролата врз приватните компании, сметајќи дека на тој начин доаѓаат до вредни податоци и информации. ТикТок постојано негира дека Кина има контрола врз „Бајтденс“.
„Ќе продолжиме да се бориме за нашите права на суд. Фактите и уставот се на наша страна“, изјави шефот на ТикТок, Шоу Зи Чу.
„Бајтденс“ поседува 20% акции во ТикТок, а 60% се во рацете на инвеститори, вклучувајќи американски. Исто така, во петчлениот управен одбор на ТикТок тројца се Американци.