ЕДЕН ОД ПРВИТЕ ПРВОМАЈСКИ ПРОТЕСТИ НА БАЛКАНОТ ПРЕД 100 ГОДИНИ БИЛ ВО ШТИП, ИЗЛЕЗЕ КНИГА ЗА ЕДЕН ВЕК СИНДИКАЛНО ДВИЖЕЊЕ

    ЕДЕН ОД ПРВИТЕ ПРВОМАЈСКИ ПРОТЕСТИ НА БАЛКАНОТ ПРЕД 100 ГОДИНИ БИЛ ВО ШТИП, ИЗЛЕЗЕ КНИГА ЗА ЕДЕН ВЕК СИНДИКАЛНО ДВИЖЕЊЕРаботничките движења во Македонија почнуваат уште во 1923 година, но биле брзо задушени од тогашните власти. (Фото: СДК.МК)

    Во Штип пред 100 години се случил еден од првите првомајски протести на Балканот. Протестот бил  38 години по првиот првомајски бунт во светот што крваво бил задушен во Чикаго 1886 година.

    Режимите во тогашните балкански земји воопшто не дозволувале какво било работничко или интелектуално организирање. Кога на овие простори доаѓаат нови прогресивни сили заживува и народниот отпор и работничкиот бунт против неправди и борбата за човекови права. Работничките движења во Македонија почнуваат уште во 1923, но биле брзо задушени од тогашните власти.

    Сепак, наредната година во неколку поголеми градови во Македонија биле одржани првомајски протести Така, и таа 1924 година во Штип, првиот првомајски протест по главните штипски улици поминал без инцициденти и без некаква посебна интервенција на тогашните власти на Кралството на СХС.

    Според податоците од Штипскиот музеј, првата синдикална организација била формирана една година порано. Уште во 1923, синдикално-работничкото раководство во Штип веднаш се зафатило со организирање колективни акции против работодавачите и тогашниот систем на своински односи. Тогашната синдикална организација обединила повеќе подружници, па во синдикалните секции влегле шивачите, берберите, чевларите, столарите, пекарите и другите занатетчии. Прв претседател на синдикалната организација бил штипјанецот Тодор Аџи-Томов, а седиштето на организацијата била близу хотелот „Гранд “ во Штип.

    Еден век подоцна, на 16 април 2024, од печат излезе книгата „100 години синдикално движење во Штип“ од професорите Андон Мајхошев и Оливер Цацков. Мајхошев беше еден од последните синдикални водачи во Штип и Македонија во таканаречното социјалистичко време, пред неговата плуралистичка трансформација по која голем број компании и помали фирми пропаднаа или се приватизираа, а работниците останаа без своите фабрики што со години ги создавале.

    Во книгата, авторите истражуваат и констатираат дека напоредно со сеопштите промени, соодветни трансформации доживува и синдикалното движење. За илустрација е земено синдикалното живеење во Штип кое во неговите најдобри денови било организирано со 133 основни синдикални организации, во кои од вкупно 22.500 вработени во синдикатот членувале 22.000 работници или 95 проценти од вкупно вработените.

    Според стручните анализи на долгодишниот синдикален истражувач, Мајхошев заклучува дека денес синдикалното опстојување постои само на хартија. па така за неколку години синдикалното членство е сведено за десет пати помалку или само 2.200 членови. Но, во практиката работнички синдикат речиси и да нема, освен што во последно време некакво синдикално раздвижување организира невладината организација „Гласен текстилец“ која веќе ги добила сертификатите и дозволите за синдикално организирање, тврдат штипските професори.

    „Инаку, опостојните разни синдикални организации на ниво на држава испаѓа дека постојат само формално. Ниту една од нив не се сети да го одбележи со една минута или со една реченица јубилејот 100 години синдикално движење на овие македонски простори. Тие останаа неми“, констатира професосор Мајхошев.

    Тој и неговиот колега Цацков со повеќе конкретни примери, во книгата наведуваат голем број синдикални протести. Посебно се задржуваат на работничките штрајкови од 1960-тите до 1990-тите години. Акцент даваат на големите работнички штрајкови во тогашните водечки фабрики како што се „Македонка“, фабриката за светилки „Селена“ или во фабриката „Метална“ каде ден денеска стои работничката табла, но од фабриката нема ниту трага, целата е во руина. Велат дека и во трите компании на времето водачи на работничките штрајкови биле работничките, иако мажите биле и со 90 насто застапеност.

    „И од други фабрики во нашиот синдикат доѓаа жени кои најавуваа дека ќе штрајкуваат за поголеми плати и работнички права. Јавно образлагаа дека се приморани на ова затоа што нивните колеги мажи се пострашливи. Но, кога им укажавме дека во нивното синдикално движење треба да зачленат што повеќе мажи, дури тогаш нивните активности и штрајкови беа помасовни и со далеку поголемо предупредувачко ехо до директорите и работодвачите од тоа време“, вели Мајхошев.

    И двајцата универзитетски професори врз основа на нивното синдикално искуство денес ги предводат синдикалните асоцијации на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) како високообразовна институција во Штип, па по нивна иницијатива деновите се склучи моморандум за соработка со вработените на останатите државни универзитети за заедничко дејствување кога се во прашања платите на вработените и севкупните нивни права.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира