Сонита Фејзовска (23) од Битола е една од малкуте Ромки во земјава кои завршиле факултет и тоа со висок просек. На патот кон дипломата ѝ се испречиле беспарицата и верувањето на средината дека жените Ромки не треба да учат. Семејството ја испишало од факултет, но таа се вратила и го завршила Педагошкиот факултет во Битола со просек 9,8. Денес е социјален и рехабилитациски педагог со солидно искуство за работа со деца со попречености. Но, државата не успеа да ѝ најде работа овде, па работи во Дом за деца со попречености во Германија.
„Мојата желба за студирање се роди уште како дете иако не знaев што точно значи зборот студент. Бев свесна за препреките што ме чекаат, но бев упорна затоа што не сакав да живам во сиромаштија. Тоа секогаш ме мотивираше да се борам за подобра иднина за мене и за моето идно семејство. За мене, образованието е важно колку и храната, облеката и засолништето. Сметам дека ниту едно човечко суштество не може да води достоен живот без образование“, вели Фејзовска.
Таа кажува дека пораснала во семејство кое не е образовано, па нејзините потреби за учење не биле доволно сфатени. Во основно училиште била повлечена и тивка зашто условите дома не ѝ биле најдобри за учење. Дел од учебниците се купувале, а родителите не можеле да ѝ ги овозможат, па тоа бил тежок период. За среќа, соучениците ѝ помагале на секаков начин, ја делеле дури и облеката со неа. Во средно била одлична ученичка, а поголеми дел од времето го поминала во Градската библиотека учејќи таму за да не биде критикувана дома. Како средношколка работела како бебиситерка, за да може со парите да си дозволи изучување на нов странски јазик. Така, се појавила силната емпатија за работа со деца, па се запишала на Педагошкиот факултет.
„Кога дојде време да се запишам на факултет, моето семејство не ми дозволи пред сé од финансиски причини и причини поврзани со традицијата. Јас се запишав и бев примена. Моите родители ме испишаа и ги зедоа докуметите, затоа што сметаа дека девојките Ромки не треба да се образоваат. Тоа беше навистина тежок период за мене како млад човек и се чувствував повредено“, вели Фејзовска.
Иако без поддршка од најблиските, не се откажала од сонот да студира. Ја поддржале здружението Сумнал и активистката за права на Ромите, Фатма Бајрам-Аземовска, другар ѝ Денис Арслановски, а добила и стипендија од РЕФ (Roma Education Fund). Оваа стипендија, за жал, денес повеќе ја нема како можност за студентите.
„Никогаш не се откажувајте од вашите соништа без разлика колку ви било тешко и колку луѓе не ви дозволуваат да го правите тоа што го сакате“, апелира Фејзовска.
Додека студирала таа и волонтирала, надоградувајќи го знаењето на неформален начин. Цели четири години помагала во Центарот за лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Битола. Три години била ангажирана како ромски образовен медијатор за ученици од основно и средно. Преку медијаторството помогнала што повеќе ромски деца да седат на училишните клупи. За време на ковид пандемијата работела хонорарно во Домот за доенчиња и мали деца.
„Работата ме исполнуваше затоа што можев да им пружам љубов и грижа на дечињата кои имаа потреба од тоа. Поради тоа што не бев партиски определена не добив работен договор, за разлика од други ангажирани, но и луѓе без никакво претходно работно искуство. За мене беше големо разочарување од нашиот ‘функционален’ партиски вработувачки пат. Претходно, мислев дека во институциите се ценат и бара знаење и квалитет во работењето, но, за жал, увидов дека тоа не било така“, вели Фејзовска.
По еден месец од дипломирањето во 2022, добила понуда за работа како социјален и рехабилитациски педагог во Дом за деца со попреченост во Германија. Прифатила затоа што сметала дека никогаш нема да биде вработена со професијата во Македонија.
„Почетокот беше тежок, буквално сама во друга држава без никого да познавам, но денес сум среќна што донесов одлука да започнам одново. Таму сум почитувана пред сѐ како човек, а потоа и како квалитетен работник“, вели таа.
Бројот на високообразовани Роми во земјава е многу мал, но од година во година, младите коишто завршуваат средно образование имат желба да продолжат понатаму со образованието.
„Посебно ги мотивирам младите девојки да завршуваат средно образование, но исто така и да запишат студии за да можат да го гледат светот како едно подруго место за живеење и да не бидат зависни од никого. Да знаат да се борат за своите права, да не се плашат, да се силни и самоувееени. Преку образованието да си го изградат својот сопствен идентитет“, вели Фејсовска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА