МОЖЕБИ ПОДОЦНА ЈА ДОБИВ УЛОГАТА НА ТРУБАДУР, НО ЌЕ ДАДАМ СЀ ОД СЕБЕ, ВЕЛИ ТЕНОРОТ ЗОРАН СОТИРОВ КОЈ СЛАВИ 25 ГОДИНИ КАРИЕРА

    МОЖЕБИ ПОДОЦНА ЈА ДОБИВ УЛОГАТА НА ТРУБАДУР, НО ЌЕ ДАДАМ СЀ ОД СЕБЕ, ВЕЛИ ТЕНОРОТ ЗОРАН СОТИРОВ КОЈ СЛАВИ 25 ГОДИНИ КАРИЕРАСотиров на вчерашната прес-конференција за програмата на годинашното издание на Мајските оперски вечери. (Фото: К. Попов)

    Tенорот од Националната опера и балет (НОБ) Зоран Сотиров ќе одбележи 25 години кариера со насловната улога од операта „Трубадур“, со која на 9 мај ќе се отвори 52. издание на Мајските оперски вечери (МОВ). Сотиров вели дека токму на овој фестивал, гледајќи претстава во 1984, донел одлука операта да биде негова професија, а на Мајските оперски вечери и дебитирал во 1999, во „Боеми“.

    „Секој тенор кога ќе почне да се занимава со опера сонува за оваа улога. А дали ќе се оствари зависи дали има зрела конструкција на гласот, каква што бара оваа улога, но и дали ќе има прилика да настапи во таа опера, дали таа ќе биде поставена на сцената. Можеби ја добив подоцна оваа улога, но сум среќен и ќе дадам сѐ од себе“, рече Сотиров.

    Операта „Трубадур“, опишана како „симфонија на љубовта, одмаздата и судбината“, ја режира Иван Поповски, диригент е Енрико Довико од Италија, сценограф Миодраг Табачки од Србија. Костимите се на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.

    Улогата на Ацучена ќе ја пее мецосопранот Сања Анастасија од Србија, првенка во Народно позориште во Белград. Таа по третпат учествува на Мајските оперски вечери.

    „Ацучена е сериозна и комплексна улога, одговорна за заплетот во целата приказната во која се судираат две емоции – љубовта и омразата“, рече Анастасија, додавајќи дека оваа улога ја пеела над 200 пати.

    Во „Трубадур“ ќе учествуваат и Марјан Јованоски, Сандра Митровска, Владимир Саздовски, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски, Јане Дунимаглоски, како и Хорот и Оркестарот на НОБ.

    Според уметничкиот директор на Операта, Орце Ицковски, премиерата е распродадена, а репризата е на 11 мај, со диригентот Иван Еминовиќ и солисти од Канада и Чиле.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира