Италијанското министерство за здравство ги забрани часовите по јога со кученца, велејќи дека треба да учествуваат само возрасни кучиња за да се заштити здравјето на животните. Ваквата јога вклучува помали раси на кучиња кои слободно шетаат во салата додека трае часот, а понекогаш се вклучени и во јога позите.
Часовите по јога со кученца се популарни низ Европа и САД. Други варијации вклучуваат јога со мачиња, зајаци, па дури и со кози.
Од Националниот одбор за заштита на животните на Италија ја поздравија одлуката на министерството, велејќи дека јогата со кутриња била физички и ментално стресно искуство за животните.
„Овој вид на активност е штетен за благосостојбата на кучињата и носи само финансиски предности за оние кои ги водат часовите“, вели Џуси Д’Анџело од Националниот одбор за заштита на животни.
Таа предупреди дека кученцата што се користат на часовите по јога често не се транспортираат на безбеден начин, а организаторите понекогаш не им даваат доволно вода за пиење.