ШТИПЈАНИ ЈА ОДБЕЛЕЖАА 121-ГОДИШНИНАТА ОД СМРТТА НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ, КЛУПИТЕ НА КОИ СЕДЕЛЕ НЕГОВИТЕ УЧЕНИЦИ СЕГА ГИ ЧУВА ШТИПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ

    ШТИПЈАНИ ЈА ОДБЕЛЕЖАА 121-ГОДИШНИНАТА ОД СМРТТА НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ, КЛУПИТЕ НА КОИ СЕДЕЛЕ НЕГОВИТЕ УЧЕНИЦИ СЕГА ГИ ЧУВА ШТИПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТВо зградата на Првата учителска школа, каде учителствувал и Гоце Делчев, денес е сместена Ректорската управа на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. (Фото: СДК.МК)

    Со интонирање на македонската химна и со положување цвеќе на спомен-релјефот, денеска во штипско Ново Село се одбележа 121-годишнината од загинувањето на Гоце Делчев.

    Три значајни институции во Штип го носат името на македонскиот револуционер и деец Гоце Делчев. Тоа се Штипскиот универзитет, Народната библиотека и едно основно училиште“, рече градоначалникот Иван Јорданов.

    Ректорот на Штипскиот универзитет Дејан Мираковски кажа дека оваа високообразовна институција се држи до принципите што ги поставиле македонските великани.

    На старата учителска школа во Ново Село, каде од 1894 до 1896 учителствувале Гоце Делчев, Даме Груев и други македонски дејци и револуционери, со години стои спомен-релјефот, на кој е напишана Гоцевата космополитска мисла „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“. Релјефот на надворешната страна од зградата, која подоцна стана и првата учителска школа во Македонија, сега е во надлежност и грижа на Ректорската управа на Штипскиот универзитет, кој го носи името на Гоце Делчев.

    Штипскиот универзитет ги згрижи и напуштените клупи на кои седеле Гоцевите ученици во Штип, кои долги години скапувале во старата и руинирана зграда на Учителската школа во Ново Село.

    Штипскиот универзитет ги згрижи напуштените клупи на кои седеле Гоцевите ученици во Штип (Фото: СДК.МК)

    Токму клупите беа повод во зградата на Ректорската управа да се отвори спомен-соба на Гоце Делчев, која е богата со историски информации, артефакти и фотографии од времето кога Гоце бил во Штип, со што се обидуваме да ги збогатуваме неговите културно-историски и образовни ареали кои по многу нешта се уникатни, а широко распространети во светот. Спомен-собата се надополнува со нови документи до кои доаѓаат професорите и студентите во нивната научно-истражувачка работа, посебно на Факултетот за образовни науки“, вели Мираковски.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира