Тројца македонски државјани се уапсени од косовската полиција во Урошевац поради пукање во кафуле, меѓу кои и кондовецот Агим Красниќи, кој пред четири години избега од затворот во Штип и по него беше распишана меѓународна потерница.
Полициски единици во петокот околу полноќ во Урошевац запреле „ауди“ со македонски регистарски таблици и при контрола и преглед на автомобилот биле пронајдени три пиштоли и муниција. Уапсени се четири лица, македонски државјани. Според информациите на косовската полиција, се работи за Агим Красниќи, Бесим Красниќи, Фадил Точи и Сеад Рамадани Цапи.
Косовската полиција соопшти дека три лица се уапсени за „убиство во обид и учество во тепачка“, а едно се бара со меѓународна потерница. Трите лица учествувале во тепачка што се случила на 17 октомври минатата година во Урошевац, каде имало и пукање.
Кондовецот Агим Красниќи во 2008 година беше осуден на 15 години затвор за злосторничко здружување и поседување оружје и други кривични дела.
Во февруари 2020 по викенд отсуството не се врати во Штипскиот затвор, каде што ја одлежуваше казната.