Охрид е полн за велигденските празници, а дел од туристите ја почнаа и сезоната за капење на околните плажи.
Најбројни се туристите од соседните држави, главно од Србија, но и домашни туристи пристигнаа во Охрид за да ги прослават велигденските и првомајските празници. Помали групи туристи има и од Словенија, Турција и Полска.
„Овде е рај, би сакале да се преселиме ако имаме можност. По три дена во Скопје, дојдовме во Охрид и навистина сме пријатно изненадени“, ни рече двојка од Колорадо, Америка, која е на патуавње низ Македонија..
Охриѓани и туристите го поминаа велигденскиот ден на излет најмногу на плажите во Горица и Свети Стефан, по дождливото време за викендов.
„Сега на мир се капеме, пред да се создаде метеж летово, пред инвазијата на туристи. Се шегувам, сега е најмирно и најчисто#, ни рече еден охриѓанец.
За продолжениот празничен викенд претежно се наполни приватното сместување, а голем дел од посетителите имаат и свои станови. Од Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ) велат дека хотелите на охридско-струшката ривиера останаа со половична исполнетост.
М. ЏАРОВСКА