ЧЕТИРИ ПАТИ ЗГОЛЕМЕНА РАДИОАКТИВНОСТ ОКОЛУ РЕК БИТОЛА

    ЧЕТИРИ ПАТИ ЗГОЛЕМЕНА РАДИОАКТИВНОСТ ОКОЛУ РЕК БИТОЛА

    Зголемена радиоактивност е констатирана во пепелта од депонијата на РЕК Битола и почите од овој регион. Дисперзијата на прашина од депонијата на пепел која е на отворено ја загадува околната почва. Имено, три до четири пати е зголемна радиоактивноста на ураниумот, радиумот и ториумот од нивната природна специфична радиоактивност во почвата околу депонијата. До овие загрижувачки податоци дојде Факултетот за биотехнички науки  од Битола, преку истражувањето направено во рамки на проектот ТЕРА МЕД за проценка на деградација на почвата и рехабилитациони стратегии за планирање на одржливо искористување на земјиштето околу РЕК.

    „Тоа што посебно треба да се потенцира се податоците од анализата на радиоактивноста на пепелта од депонијата во РЕК Битола. Имено најдено е дека специфичната радиоактивност на 238U (ураниум 238), 226Ra (радиум 226) и 232Th (ториум 232) е поголема за 3-4 пати од нивната природна специфична радиоактивност во почвите од овој регион. Ова е потврдено и со зголемената содржина на вкупниот ураниум во примероците од мов земени од овој регион“, вели професорката Мила Арапческа од Факултетот за биотехнички науки.

    Резултатите покажуваат дека во непосредната околина на РЕК Битола, во околината на градот Битола и просторот помеѓу градот и РЕК има зголемување на содржината на бакар, олово, цинк и делумно арсен во воздухот што укажува на пренос на прашина од депонијата за пепел која има зголемена содржина на овие елементи во однос на нивната природна содржина во околните почви (Фото: СДК.МК)

    Резултатите покажуваат дека во непосредната околина на РЕК Битола, во околината на градот Битола и просторот помеѓу градот и РЕК има зголемување на содржината на бакар, олово, цинк и делумно арсен во воздухот што укажува на пренос на прашина од депонијата за пепел која има зголемена содржина на овие елементи во однос на нивната природна содржина во околните почви (Фото: СДК.МК)

    Се истражуваше регионот околу РЕК Битола на површина од 3.200 километри квадратни.  Беа земени 228 примероци почва од 114 џипиес локации, 60 примероци мов, 40 примероци улична прашина, како и примероци на пепел од депонијата во РЕК Битола и околната почва за анализа на радиоактивност. Врз примероците беше направена хемиска, микробиолошка и анализа на радиоактивност. За споредба како референтни  беа земени и примероци на почва, мов и улична прашина од локации на Пелистер.

    „Примероците од мов овозможуваат следење на загадувањето на воздухот со честички емитирани во просторот. Резултатите покажуваат дека во непосредната околина на РЕК Битола, во околината на градот Битола и просторот помеѓу градот и РЕК има зголемување на содржината на бакар, олово, цинк и делумно арсен во воздухот што укажува на пренос на прашина од депонијата за пепел која има зголемена содржина на овие елементи во однос на нивната природна содржина во околните почви“, додава Арапческа.

    И резултатите од анализите на примероците од патна прашина покажуваат зголемена содржина на бакар, олово и цинк. Ова, како и резултатите од анализите на мов, укажува на пренос на прашина од депонијата на РЕК , но и на емисија на честички од урбаните активности во градот.

    Сепак, добиените резултати покажаа дека нема некое значително загадување со тешки метали на почвите во Пелагониско. Единствено се забележани незнaчителни зголемувања на содржината на кадмиум и цинк во земјата во непосредната околина на РЕК кое, пак, се должи на дисперзијата на прашина од депонијата на пепел.

    Истражувањето беше финансирано преку ИПА фондовите и Министерството за локална  самоуправа и ќе се спроведува до април годинава. Добиените резултати ќе се искористат за создавање на заедничка база на податоци за квалитетот на почвата во пограничниот регион на Македонија и Грција. Резултатите од истражувањата би било корисно да ги искористат општините кои  гравитираат околу РЕК Битола за креирање на планови и програми за заштита на животната средина.

    Ова е едно од ретките, ако не и единствено истражување на деградацијата на почвите околу РЕК Битола. Од Комбинатот досега во повеќе наврати тврделе дека згадувањето е во границите на нормалата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира