Претседателот на СДСМ и доскорешен премиер Димитар Ковачевски вечерва не си даде оставка по тешкиот пораз на парламентарните избори денеска, но најави длабоки кадровски промени во партијата и избор на нов претседател. Според резултатите од Државната изборна комисија (ДИК) од 85,66% преброени гласови, СДСМ освои 127.607 гласови или 14,91%, а ВМРО-ДПМНЕ 367.452 гласови или 42,92%, а ДУИ 121.880 гласови или 14,24%.
„Ми беше чест што ги предводев СДСМ и Владата овие 2 години”, кажа тој, но не поднесе оставка на лидерското место.
Ковачевски кажа дека овие двојни избори се фер и демократски, што е заслуга на слободните медиуми. Упати честитки до ВМРО-ДПМНЕ и до Гордана Силјановска, секако и на Стево Пендаровски.
„Денешниот резултат е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар. Не само од ѓраните туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата. Во наредниот период детално ќе ги анализираме овие резултати. Секако во наредните месеци ќе треба посериозно и подлабоко да го најдеме изворот и причините за овој поразителен исход. Не сакам да носам избрзани заклучоци и не сакам да посочувам виновници. И јас и партиското раководство имаме одговорност и сите именувани и избрани функционери имаат одговорност вклучително и сите партиски функционери на локално и на централно ниво“, кажа Ковачевски.
Тој најави партиски избори затоа што „никој реално не е без одговорност“.
„СДСМ ќе треба добро да погледне навнатре да размили што направивме и кои се резулатите и слабостите во последните 4 години, можеби и во последните 7 години. И уште поважно, што е тоа што треба да направи за да ја обновиме и вратиме довербата на граѓаните што ја изгубивме. Процесот на обнова мора да е на сите нивоа, затоа повикувам на нови внатрешни избори на сите партиски тела и на централно и на локално ниво. Почнувајќи од претседателот, раководоството, па до претседателите на општинските организации и сите органи и тела на партијата“, рече тој на прес конференцијата.
„Граѓаните имаат страв од прекумерната моќ на партијата која е позната по злоупотребата на политичката моќ”, рече Ковачевски и затоа „СДСМ и коалицијата треба и мора да бидат одговорна, силна и државничка опозиција“.
Тој рече дека водел сметка да не наштети на државните интереси. „Затоа и се одлучив сега, откако завршија изборите, да ја кажам пред вас вистината со која живеам веќе две години. Вистината е дека актуелниот систем во кој живееме води повеќе сметка за пиарот отколку за суштината. За површината отколку за длабината. И граѓаните со право се незадоволни и не веруваат во ништо“, рече тој споменувајќи ги „корупцијата на секое ниво, личните интереси, долгата европска интеграција, нискиот просечен раст на економијата од само 1,9% во изминатите 30 години, непотизмот, клиентилизмот, бизнис интересите, етничкиот професионализам…“
Ковачевски на чело на партијата дојде пред 2,5 години, на внатрепартиските непосредни избори. Противкандидати му беа Јован Деспотовски и Фросина Ременски.
Тој е шести претседател на СДСМ, по Зоран Заев, кој си поднесе оставка и од премиерската функција, по поразот на локалните избори.
Ќе остане во историјата како лидер со кој СДСМ го доживеал најкатастрофалниот пораз на избори.
С. К. ДЕЛЕВСКА