ЛЕКАРСКАТА КОМОРА ДИСКРИМИНИРАЛА МАЈКА НА МЛАДА ЛЕКАРКА КОЈА БАРАЛА ВО ЛИЦЕНЦАТА ЗА РАБОТА ДА Ѝ СТОИ МАЈЧИНОТО, А НЕ ТАТКОВОТО ИМЕ

    ЛЕКАРСКАТА КОМОРА ДИСКРИМИНИРАЛА МАЈКА НА МЛАДА ЛЕКАРКА КОЈА БАРАЛА ВО ЛИЦЕНЦАТА ЗА РАБОТА ДА Ѝ СТОИ МАЈЧИНОТО, А НЕ ТАТКОВОТО ИМЕАко Лекарската комора се повикува на податоци од државјанството, тогаш нека види дека таму ги пишува и татковото и мајчиното име на секој државјанин, вели Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. (Фото: (СДК.МК)

    Млада лекарка со положен стручен испит поднела претставка за дискриминација против Лекарската комора на Македонија, зашто иако со нотарска заверка побарала во лиценцата за работа место татково име да стои името на нејзината мајка, Комората ѝ го пишала татковото име. Немале таков формулар со „име на мајка“, или само со „родител“.

    Лекарката ја поднела претставката во име на нејзината мајка, а Комисијата за спречување на дискриминација утврдила директна дискриминација врз основа на род во областа на управа и правосудство, сторена од Лекарската комора кон мајката на подносителката.

    Во претставката лекарката која се обратила за лиценца за работа навела дека таа е доктор по општа медицина со положен стручен испит. Во декември го поднела барањето за лиценца за работа, а во прилог и нотарската заверена изјава со барање да стои името на нејзината мајка.

    Кон крајот на декември лиценцата била изготвена, со името на нејзиниот татко. Притоа од вработена во Комората ѝ било дадено образложение дека во образецот во поле „родител“ стои татково име.

    Лекарката објаснила дека нејзините родители се долг период разведени и дека таа со судска одлука е дадена на чување и воспитување кај мајка ѝ, која цело време се грижела за неа. Истакнала дека сите документи, па дури и Уверението за положен стручен испит издадено од Лекарската комора, се со името на нејзината мајка. Само лиценцата за работа не.

    Од Лекарската комора ѝ рекле дека ако сака да стои името на мајката, мора да донесе ново државјанство во кое кај татково име ќе пишувало XXXX. Исто така, ѝ било кажано дека лекарите со исто име и презиме, Комората ги разликувала по името на таткото. Но и дека податоците ги црпеле од документот за државјанство.

    Комисијата против дискриминација вели дека е нејасно зошто ваков одговор добиле од Лекарската комора, кога во државјанството ги има и двајцата родители?

    Комората се задолжува да го смени образецот и Правилникот за начинот на издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа на здравствените работници од областа на медицината, со тоа што зборовите „татково име“ ќе ги промени со „име на родител“.

    При поднесување на документите за издавање на лиценца за работа не смее да им сугерира на лекарите да го стават името на таткото, туку ќе овозможи самостојно да одлучат на кој родител ќе го пишат името во полето.

    Комисијата за антидискриминација на крајот ја задолжува Лекарската комора на младата лекарка да ѝ издаде нова лиценца, со името на нејзината мајка. Ако Комората не го исполни ова за 30 дена, Комисијата ќе поднесе пријава пред суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира