ПРИФАТИЛИШТЕТО ЗА БЕЗДОМНИ КУЧИЊА ВО БИТОЛА ДОБИ ОДОБРЕНИЕ ЗА РАБОТА

    ПРИФАТИЛИШТЕТО ЗА БЕЗДОМНИ КУЧИЊА ВО БИТОЛА ДОБИ ОДОБРЕНИЕ ЗА РАБОТАМаксималниот капацитет на прифатилиштето е сместување на 55 кучиња. (Фото: СДК.МК)

    Пет месеци по доставувањето на барањето од Општина Битола, Агенцијата за храна и ветеринарство го достави решението за одобрување на прифатилиште за бездомни кучиња.

    Од Општината соопштија дека според добиеното решение, објектот кој изминатата година го адаптирале за сместување на бездомни кучиња, ги исполнува условите пропишани со Законот за заштита и благосостојба на животните и Правилникот за постапките за заловување, интервенции и третман на бездомните кучиња. Максималниот капацитет на прифатилиштето е сместување на 55 кучиња.

    Прифатилиштето е внесено во официјалниот државен регистар на прифатилишта и Општината може да премине кон спроведување на завршните административни чекори за негово ставање во функција.

    „Во оваа фаза, потребно е со одлука на Совет, прифатилиштето да биде предадено на управување од страна на ЈП Комуналец, за што Советот ќе треба да ја усвои и Програмата за работа, вклучувајќи го и одобрувањето на потребните средства од општинскиот буџет за непречено работење. Со завршувањето на овие процедури, ќе започне организираното и системско решавање на проблемот со бездомните кучиња во Битола“, соопштија од Општина Битола.

    Во буџетот на Општината за 2023 година беа обезбедни 40 милиони денари да се направи голем стационар за бездомни животни, а потоа се реализира договор за изградба на настрешница во функција на објект за ветеринарна заштита кој чини 4.132.399 денари. Прифатилиштето ќе работи на принцип „залови, стерилизирај, вакцинирај и врати односно вдоми“ кој на долг рок се очекува да го намали бројот на улични кучиња низ градот.

    За три години дури за седум пати пораснал износот на пари што ги исплатила Општина Битола по тужби на граѓани каснати од кучиња. Од Општината потврдија дека лани, 2023 година, исплатиле 7.769.952 денари (126.340 евра). Според претходни изјави на општинските власти, во 2022 година биле платени 2.885.115 денари (46.912 евра), а во 2021 се 1.129.000 (18.350 евра).

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира