ЌЕ СЕ МЕНУВА ПРАВИЛНИКОТ И НА ЛЕКАРСКИТЕ ЛИЦЕНЦИ ЌЕ МОЖЕ ДА СТОИ И ИМЕТО НА МАЈКАТА, ЛЕКАРСКАТА КОМОРА НЕ ДИСКРИМИНИРАЛА, ТУКУ ОБРАЗЕЦОТ Е ТАКА ПРОПИШАН

    ЌЕ СЕ МЕНУВА ПРАВИЛНИКОТ И НА ЛЕКАРСКИТЕ ЛИЦЕНЦИ ЌЕ МОЖЕ ДА СТОИ И ИМЕТО НА МАЈКАТА, ЛЕКАРСКАТА КОМОРА НЕ ДИСКРИМИНИРАЛА, ТУКУ ОБРАЗЕЦОТ Е ТАКА ПРОПИШАНОваа брза реакција на Лекарската комора треба да ја следат сите институции кои во нивните формулари  инсистираат граѓаните секогаш да го пишуваат името на таткото или да прават каква било родова дискриминација. (Фото: СДК.МК)

    Лекарската комора на Македонија (ЛКРСМ) поведе постапка за промена на правилникот за содржината на образецот на лиценцата за работа на здравствените работници од областа на медицината, откако Комисијата за дискриминација ѝ наложи да го стори тоа по претставката од младата лекарка на која место името на мајката, Комората на лиценцата ѝ го напишала татковото име.

    Оваа брза реакција на Лекарската комора треба да ја следат сите институции кои во нивните формулари  инсистираат граѓаните секогаш да го пишуваат името на таткото или да прават каква било родова дискриминација.

    „Комората, со цел да излезе во пресрет на барањето наместо татково име во лиценците да може да се пишува и име на мајка, односно име на родител што ќе го одбере докторот, поведе постапка за промена на Правилникот за начинот на издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа и форматата и содржината на образецот на лиценцата за работа на здравствените работници од областа на медицината. Измените на Правилникот се подготвени и ќе треба да бидат донесени на наредното Собрание на Лекарската комора, по што ќе бидат и доставени на одобрување до министерот за здравство“, реагираше веднаш Лекарската комора.

    Но, оттаму упатуваат дека утврдената родова дискриминација за мајката на младата колешка никако не произлегува од интенцијата на Комората, туку од пропишаната форма на образецот на лиценцата за работа. Укажуваат дека ако се издаде документ кој не е во согласност со пропишаниот образец, може да биде оспорена неговата веродостојност.

    Како што објави САКАМДАКАЖАМ.МК, млада лекарка со положен стручен испит поднела претставка за дискриминација против Лекарската комора на Македонија, зашто иако со нотарска заверка побарала во лиценцата за работа место татково име да стои името на нејзината мајка, Комората ѝ го пишала татковото име. Немала таков формулар со „име на мајка“, или само со „родител“.

    Лекарката ја поднела претставката во име на нејзината мајка, а Комисијата за спречување на дискриминација утврдила директна дискриминација врз основа на род во областа на управа и правосудство, сторена од Лекарската комора кон мајката на подносителката.

    Лекарката објаснила дека нејзините родители се долг период разведени и дека таа со судска одлука е дадена на чување и воспитување кај мајка ѝ, која цело време се грижела за неа. Истакнала дека сите документи, па дури и Уверението за положен стручен испит издадено од Лекарската комора, се со името на нејзината мајка. Само лиценцата за работа не.

    Комисијата за спречување и заштита на дискриминација, имајќи ги предвид сите претходно наведени арргументи со дополнително известување до Комората, дозволила дополнителен рок од 6 месеци во кој треба да се направат измени на правната регулатива.

    „Веднаш откако новиот Правилник за начинот на издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа и форматата и содржината на образецот на лиценцата за работа на здравствените работници од областа на медицината ќе биде донесен, лекарката ќе може да изврши замена на образецот на лиценцата“, велат од Лекарската комора.

    Од Комората укажуваат дека ако се издаде документ кој не е во согласност со пропишаниот образец за лиценцата за работа, може да биде оспорена неговата веродостојност.

    „Лекарската комора во случајот за кој информиравте постапува согласно важечките правни акти. Имено формата и содржината на образецот – лиценца што ја издава ЛКРСМ е утврдена со општ акт Правилник за начинот на издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа и форматата и содржината на образецот на лиценцата за работа на здравствените работници од областа на медицината, донесен согласно чл. 135 од Законот за здравствена. Во утврдениот образец – Лиценца за работа во лични податоци стои: име, татково име и презиме. Според тоа, лиценцата за работа која е предмет на претставката е издадена согласно пропишан образец. Овој образец се однесува за сите доктори на медицина и во него ЛКРСМ ги внесува личните податоци наведени во уверението за државјанство, доставено од самите баратели, како доказ. Ова покажува дека формата и содржината на образецот Лиценца за работа, се пропишани со правни прописи и Лекарската комора не може да ги менува од случај до случај, бидејќи ако се издаде документ кој не е во согласност со пропишаниот образец, може да биде оспорена неговата веродостојност. Според ова, јасно е дека дискриминацијата не произлегува од интенцијата на Комората, туку од пропишаната форма на образецот на лиценцата за работа“, нагласуваат од Лекарската комора.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира