ЛАНИ ЗА ПОЛА ГОДИНА МАКЕДОНИЈА ИЗВЕЗЕ ВО УКРАИНА ЗЕЛЕНЧУК И ОВОШЈЕ ВО ВРЕДНОСТ ОД 10 МИЛИОНИ ЕВРА

    ЛАНИ ЗА ПОЛА ГОДИНА МАКЕДОНИЈА ИЗВЕЗЕ ВО УКРАИНА ЗЕЛЕНЧУК И ОВОШЈЕ ВО ВРЕДНОСТ ОД 10 МИЛИОНИ ЕВРАПласманот на македонското овошје и зеленчук на украинските пазари дојде по забраната за извоз во Русија по инвазијата врз Украина. (Фото: СДК.МК)

    За половина година во 2023, македонското овошје и зеленчук се пласирани на пазарот во Украина во вредност од 10 милиони евра. Ова е одговорот од Министерството за земјоделие, водостопанство и шумарство (МЗВШ) откако претходно САКАМДАКАЖАМ.МК. објави дека два месецa нема одговор на ова поставено прашање. Измените на Договорот за слободна трговија меѓу Македонија и Украина стапија на сила на 6 јули лани.

    „Во 2023,  во Украина се извезени земјоделско-прехранбени производи во вредност од 10,3 милиони евра. Најголемо учество во извозот има зелката, во количина од 12.288 тони и вредност од 6,8 милиони евра. Потоа следат доматите, во количина од 244 тони и вредност од 406 илјади евра, праски и нектарини, во количина од 473 тони и вредност од 395 илјади евра, компир во количина од 711 тони и вредност од 297 илјади евра кромид во количина од 256 тони и вредност од 160 илјади евра. Исто така, извезени се помали количини на моркови, пиперки, кајсии, сливи, јапонско јаболко“, одговорија од Министерството.

    Пласманот на македонското овошје и зеленчук на украинските пазари дојде по забраната за извоз во Русија по инвазијата врз Украина во февруари 2022. Украина беше замена за рускиот пазар, кој македонските одгледувачи го загубија. Во 2023 на рускиот пазар било извезено овошје и зеленчук од еден милион килограми, во висина од 3,8 милиони евра што е опаѓање за 58% во споредба со 2022. Ова е во периодот додека да стапи забраната за извоз.

    За илустрација, во првото полугодие од 2019  македонските компании на рускиот пазар извезле зеленчук во износ од 5,7 милиони долари, а овошје од околу 4,9 милиони. Или за првите шест месеци вкупно 10,6 милиони долари.

    Лани, македонскиот зеленчук и овошје, според Државниот завод за статистика, се пласирал на десетина пазари, а во Полска и Хрватска има зголемување на пласманот на зеленчук од 67% односно 40 отсто, како и во Србија со пораст од 46 отсто за една година. Овие држави се најголемите увозници, Србија со 17,9 милиони, Полска со 11,1 милион, Украина со 10,3 и Хрватска со 8 милиони евра. Најмногу се извезувало зелка, пиперка и домат. За разлика од зеленчукот, намалено е количеството на извезено овошје. Праската со -16%, кајсијата со -15%, црешата со дури -79% се со осетно намален извоз. Тие се одгледуваат во регионот на Росоман и Градско, каде се почувствува сушата поради хаваријата на системот за наводнување Макарија.

    Во Општина Градско проценетата штета по родот е 117 милиони денари, додека Општина Росоман и градоначалникот Стојан Николов ни по три месеци од поставеното прашање, не ја соопштија штетата.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира