Во периодот од 3 до 9 мај пријавени се 15 нови случаи на голема кашлица, со намалување од 31,8% споредено со претходниот седмодневен период (22), се вели во последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Најголем дел од случаите се пријавени во Скопје (14; 93,3%), а пријавен е и еден случај од Крива Паланка.
Возраста на заболените се движи од 1 месец до 62 години, а најголем број на случаи се од возрасната група 0-4 години (6; 40,0%). Во однос на вакциналниот статус на заболените, 11 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 2 се комплетно вакцинирани и 2 се вакцинирани согласно возраст.
Од новите 15 случаи, 6 случаи (40,0%) се хоспитализирани.
Заклучно со 9 мај, во Македонија се регистрирани вкупно 553 случаи на голема кашлица. Епидемиската крива укажува дека појавувањето на нови случаи на голема кашлица започнува во првата недела од 2024. Согласно податоците од евиденцијата на пријавувањето (за седмодневен период од понеделник-недела) се забележува континуиран пораст на бројот на случаи на неделно ниво, до 12-та недела. По 12. недела, со мали варијации, бројот на пријавени случаи се намалува.
Епидемиолошките истражувања покажуваат поврзаност на 97 случаи.
Д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести ни рече дека за да се прогласи крај на епидемија, има 2 начина, или опфатот на вакцинација со ДиТеПер вакцината да биде над 95 отсто, или подолг временски период да нема трансмисија на болеста.
Најдобро е, вели тој, да бидат исполнети и двата услова, но секако дека одлуката ја носи Комисијата за заразни болести, која е составена од повеќе експерти од разни области.
Од 18 јануари до 9 мај, во Македонија дадени се вкупно 45.715 дози на вакцина која содржи компонента против голема кашлица.
Во градинките низ државата, на сила е мерката за забрана на прием на невакцинирани деца со ДиТеПер вакцина. Според последната одлука од Комисијата за заразни болести, од 18 март им е дозволено на децата кои во последните 6 месеци се вакцинирани со трета доза ДиТеПер да се вратат во градинка од понеделник (18 март), со задолжително примање на првата ревакцина 6 месеци по примањето на последната (трета) доза од примовакциналната серија.
- СЕ НАМАЛИ БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ ОД ГОЛЕМА КАШЛИЦА, БЛАГОДАРЕНИЕ НА ПОРАСТОТ НА ВАКЦИНИРАНИ ДЕЦА, ВЕЛИ Д-Р ЦВЕЈОСКА-ЧОЛАКОВСКА, ДИРЕКТОРКА НА ДЕТСКА КЛИНИКА
- ДЕЦАТА СО ПРИМЕНИ 3 ДОЗИ ДИТЕПЕР ВАКЦИНА ОД 18 МАРТ МОЖЕ ДА СЕ ВРАТАТ ВО ГРАДИНКА, РЕЧЕ ДИРЕКТОРКАТА НА ЗДРАВСТВЕНИОТ ИНСПЕКТОРАТ
Б. НЕСТОРОСКА