Втор висок функционер на руското министерство за одбрана е уапсен под обвинение за корупција, два дена откако Владимир Путин го смени министерот Сергеј Шојгу. По неговиот заменик Тимур Иванов, уапсен е и генерал-полковникот Јури Кузнецов, шефот на главната дирекција за персонал во министерството.
Тој е обвинет дека примил исклучително големо мито, за што може да добие до 15 години затвор. При претресот на неговиот дом и друг имот полицијата запленила златни монети, луксузни предмети и над 100 милиони рубли (над милион долари) во готовина, објави Истражниот комитет.
Путин викендов направи голема промена во својот кабинет откако го назначи Андреј Белоусов за нов министер за одбрана, функцијата што од 2012 ја држеше негов близок соработник Шојгу. Тој отсега ќе го води моќниот руски Совет за безбедност, чиј досегашен секретар Николај Патрушев стана помошник на Путин, исто како и гувернерот на регионот Тула, Алексеј Дјумин, кој се спомнува како можен иден руски лидер.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, негираше дека Шојгу е деградиран, додавајќи дека неговата нова позиција е многу висока и со широки овластувања.