Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар за состав на Влада Христијан Мицкоски вели дека Преспанскиот договор е дел од македонските институции, Уставот и законите, но дека негово основно човеково право е како ќе ја нарекува државата. Тој вели дека кога ќе дава изјави ќе го користи терминот Македонија, а истото го очекува и од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Мицкоски смета дека на тој начин не се прекршува Договорот од Преспа.
„Преспанскиот договор е дел од македонските институции, од македонскиот Устав и законите. Многу пати во минатото сме кажале дека тоа е реалност. Комуникацијата во македонските институции останува согласно Уставот и законите, но мое основно човеково право е како ќе ја нарекувам мојата држава. И додека давам изјави или се обраќам, и јас, а очекувам тоа да биде начин на однесување и на Сиљановска, да се користат термините Македонија и придавката ‘македонски’, бидејќи на тој начин, според нашето толкување на Преспанскиот договор, нема негово прекршување. Ја користам оваа прилика до нашите пријатели од Грција – да престанеме со закани, опструкции и враќање назад во минатото, да гледаме во иднината. Ова се документи кои се дел од правото. Ако тие мислат дека сме го прекршиле Преспанскиот договор, постои Меѓународен суд за правда, може да почнат процес па таму ќе ги вкрстиме и едните и другите аргументи. Не би сакал до тоа да дојде. Повикувам на добрососедски и пријателски односи“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на Самитот Македонија 2025.
Во врска со заклетвата на инаугурацијата на Сиљановска-Давкова, Мицкоски рече дека била достоинствена.
„Очекував честитка од јужниот сосед за убедливиот триумф, но за жал, добивме политички мускули“, вели Мицкоски.
Мицкоски повика на добрососедски и пријателски односи со Грција и апелира да нема веќе закани, опструкции и враќање назад во минатото, туку двете страни да гледаат кон иднината. Рече и дека наскоро очекува средба со грчкиот премиер со кој би разговарал за економијата, туризмот, образованието,…
„Ако некој очекува од ВМРО-ДПМНЕ да ги повтори грешките од минатото, бидете сигурни дека тоа нема да го направиме. Немаме намера на нивните политички мускули да одговориме со преименување на автопатите и аеродромите или да градиме споменици. Не очекувам односите меѓу двете држави да се темелат на политички мускули, очекувам да имаме одлични меѓусоседски односи, ценам дека ВМРО-ДПМНЕ и тамошната влада предводена од Нова Демократија имаат свој став поврзан со Преспанскиот договор, бидејќи ниту на едните, ниту на другите ни се допаѓа тој договор“, кажа Мицкоски.