ФИЌО ОД 1972 ГОДИНА Е ЕДНО ОД НАЈАТРАКТИВНИТЕ НА ПРВАТА ИЗЛОЖБА НА СПОРТСКИ КОЛИ И ОЛДТАЈМЕРИ ВО ШТИП, УЧЕСТВУВААТ НАД 150 МОДЕЛИ ОД МАКЕДОНИЈА, СРБИЈА И БУГАРИЈА  

    ФИЌО ОД 1972 ГОДИНА Е ЕДНО ОД НАЈАТРАКТИВНИТЕ НА ПРВАТА ИЗЛОЖБА НА СПОРТСКИ КОЛИ И ОЛДТАЈМЕРИ ВО ШТИП, УЧЕСТВУВААТ НАД 150 МОДЕЛИ ОД МАКЕДОНИЈА, СРБИЈА И БУГАРИЈА  Над 150 сопственици на спортски коли и олдтајмери учествуваат на првата изложба „Каршоу“ во Штип. ( Фото: СДК.МК )

    Денеска во Штип преку целиот ден ќе трае изложбата на спортски коли и на олдтајмери која се одржува првпат во градот, со учество на повеќе од 150 модели од повеќе градови во  Македонија и од соседните земји. 

    Ниту дождливото време не ги спречи сопствениците на автомобилите да дојдат во Штип каде своите миленичиња грижливо ги бришеа од дождот за да бидат подготвени пред заинтересираните граѓани и посебната комисија, која на крајот од денот ќе ги прогласи најдобрите модели во сите категории. 

    Посебен паркинг простор има и за олдтајмерите кои исто така предизвикуваат интерес кај посетителите. ( Фото: СДК.МК )

    Една од најатрактивните коли е Фиќо од 1972 година, сопственост  на  Никола Димовски од Скопје. Неговата кола според бојата што ја има влегува за награда и во категоријата за  најженска кола каква што има во пропозициите на организаторот „Автобос“ и „Инфинити-про“ од Штип. 

    „Фиќото ми е подарок од дедо ми кој го купил таа година директно од фабриката за автомобили во Крагуевац. Цело време е во возна состојба и јас редовно го користам. За некаква продажба воопшто не доаѓа предвид. Нема таква пара за која би ја продал оваа убавица“, вели Димовски кој минатата недела учествувал и на изложбата која се одржала во Ниш-Србија. 

    Изложбата ќе трае до крајот на денот, а е лоцирана на широкиот паркинг простор кај Новата пошта и Градскиот стадион во Штип за што зелено светло даде и Општина Штип која и финансиски ја поддржа првата ваква изложба во градот.   

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира