УКРАИНСКИ ТРАНСПОРТЕН АВИОН СЕКОЈ ДЕН СЛЕТУВА ВО СКОПЈЕ, МАКЕДОНИЈА Е ПЕТТИ НАЈГОЛЕМ ДОНАТОР НА ОРУЖЈЕ ВО УКРАИНА СПОРЕД ПРОЦЕНТ НА БДП

    УКРАИНСКИ ТРАНСПОРТЕН АВИОН СЕКОЈ ДЕН СЛЕТУВА ВО СКОПЈЕ, МАКЕДОНИЈА Е ПЕТТИ НАЈГОЛЕМ ДОНАТОР НА ОРУЖЈЕ ВО УКРАИНА СПОРЕД ПРОЦЕНТ НА БДПМакедонската влада досега има донесено 14 одлуки за воена и хуманитарна помош на Украина, а дополнително на армискиот полигон Криволак беше реализирана и обука за украински војници. - Авионот Антонов 12Б (Фото: Британско воено воздухопловство)

    На Скопскиот аеродром речиси секој ден може да се забележи транспортен авион со украински регистарски ознаки и знаме. Станува збор за турбопроп авион Антонов 12Б од украинско (советско) производство, кој првиот лет го имал пред речиси 60 години, а изминативе две и пол години, од почетокот на руската инвазија на Украина се користи за транспорт на оружје за потребите на украинската армија.

    Негови најчести дестинации се Лајпциг во Германија и полскиот аеродром во Жешов, каде што стигнува воената помош и оттаму по копнен пат се транспортира во Украина.

    САКАМДАКАЖАМ.МК со обрати до Министерството за одбрана околу тоа какво оружје испраќа Македонија во Украина.

    Досега, македонската влада има донесено 14 одлуки за воена и хуманитарна помош на Украина, а дополнително на армискиот полигон Криволак беше реализирана и обука за украински војници.

    Од Министерството за одбрана велат дека со оглед на вредноста на средствата кои се донирани, Македонија е петта земја донатор за Украина, според процентот на БДП на сите земји донатори.

    Оттаму додаваат дека издвоените средства не се во употреба во македонската армија и нивното отуѓување не претставува ризик за намалување на борбената готовност. За координација на помошта со НАТО сојузниците, македонската армија од август 2023 година има свој постојан претставник во Меѓународниот координативен центар за поддршка на Украина лоциран во Визбаден, Германија.

    Од Министерството за одбрана го откриваат видот на донираната опрема, но количината е класифициран податок. Донирани се автоматски пушки, ракетни системи, мини, ракетни фрлачи, тенкови Т-72, авиони Су-25, рачни бомби и разни видови муниција.

    Министерката за одбрана Славјанка Петровска во врска со помошта за Украина вели дека на тој начин покажуваме дека во НАТО нема да ги користиме само придобивките од членството туку одговорно ќе дадеме свој придонес во заедничките обврски бидејќи ги делиме истите вредности.

    На армискиот полигон Криволак беше реализирана и обука за украински војници. – Министерката Петровска на воена вежба на НАТО на Криволак (Фото: архивска фотографија на СДК.МК)

    „Ја поддржавме Украина со воена опрема која нам не ни беше потребна, и сме меѓу првите 5 сојузнички земји според вредноста на донираната опрема. Тоа имаше силен позитивен одек и од Украина, но и кај нашите сојузници, зашто покажавме дека поддршката за Украина која има полно право да се одбрани против агресијата, согласно сите меѓународни правила и принципи, не е само декларативна, туку и реална. Во исто време, отстапуваќи ја опремата за која Генералштабот оцени дека не може да биде користена во Армијата, ја снабдувавме нашата Армија со модерна, современа опрема од најнов вид“, вели Петровска.

    Таа додава дека од нашите стратешки партнери добиваме донации за модернизација на армијата во огромен износ на средства, што е значителен поттик.

    „Ако до 2022 година американската поддршка изнесуваше околу 160 милиони долари, за само една година, САД нè поддржаа со дополнителни над 130 милиони долари, средства кои првенствено ќе се користат за процесот на модернизација и опремување. Како членка на НАТО Северна Македонија покажа образ и се здоби со силен углед кај нашите сојузници и партнери. Се надевам дека така ќе биде и во иднина, бидејќи влогот во домашната, но истовремено во колективната безбедност, односно влогот во безбедноста на нашите граѓани и нашиот удел во безбедноста на сите граѓани на Алијансата од која сме дел, е подеднакво наша одговорност како и на сите сојузници“, вели Петровска.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира