Седуммина луѓе се во критична состојба со повреди на главата по инцидентот на денешниот лет на „Сингапур ерлајнс“ од Лондон до Сингапур, откако авионот бил погоден од силна турбуленција. Во несреќата почина 73-годишен патник од Велика Британија, најверојатно од срцев удар.
Авионот „боинг 777-300 ЕР“ принудно слета во Бангкок со цел да им се укаже помош на повредените. Властите кажаа дека со повреди се здобиле повеќе од 30 луѓе, од кои 18 биле хоспитализирани.
Компанијата објави дека во авионот имало 211 патници и 18 членови на екипажот.
„Авионот влетал во воздушен џеб во моментов кога на патниците им бил послужуван појадок, по што наишол на силна турбуленција. Пилотите потоа побарале дозвола за итно слетување“, изјави генералниот менаџер на аеродромот во Бангкок, Китипонг Китикачорн.
Во моментов не е можно да се реконструира инцидентот од јавно достапните податоци, но портпаролот на сајтот „Флајтрадар“ кажа дека анализираните податоци покажуваат дека авионот се навалил нагоре, за по една минута да се врати на својата височина на летот.
Патник кој бил на летот изјави за „Ројтерс“ дека при инцидентот прво имале чувство на кревање, а потоа на паѓање.
„Одеднаш, авионот почна да се навалува нагоре и се тресеше, па почнав да се подготвувам за она што се случува. Многу одеднаш се случи драматичен пад, па сите што седеа и не носеа сигурносен појас беа лансирани кон таванот. Некои луѓе удираа со главите во кабините за багаж над нив, некои удираа во местата каде што се светла и маски и ги пробија“, изјави 28-годишниот патник Џафран Азмир.