Дополнителни врнежи во Липковско можат да ја влошат состојбата и да го пролонгираат бистрењето на водата во браните Липково и Глажња, а тоа ќе го одложи и нормализирањето на водоснабдувањето во Куманово, во спротивно граѓаните многу брзо ќе добијат исправна вода за пиење од градскиот водовод, кажаа од кризниот штаб што Општина Куманово го свика поради новонастаната состојба.
„Ако не се повтори ударот од синоќешното невреме ние очекуваме дека задоволителни резултати ќе добиеме многу брзо. Не можеме да кажеме за колку време, но кога водата ќе биде исправна за пиење ќе кажат здравствените институции по спроведените анализи. Доколку не се стабилизира дотурот на вода од браната Липково и матноста не биде во задоволителните граници, ЈП ‘Водовод‘ нема да испорачува вода до граѓаните. На општинскиот штаб е доставено барање до Агенцијата и храна и ветеринарство да се дозволи водата да се користи како техничка вода за готвење и капење, со препорака до граѓаните водата да биде обавезно превриена“, кажа Тони Јовчевски, раководител во филтер станицата.
Домаќинствата кои имаат вода од градскиот водовод да ја користат исклучиво како техничка, и да ја превриваат пред употреба, препорачува Општинскиот штаб за заштита и спасување, кој денеска одржа вонреден состанок, по проблемите со водоснабдувањето во Куманово, предизвикани од силното неврме, кое синоќа го зафати Кумановско-Липковскиот Регион.
„Главен проблем претставува заматување на вода во водоснабдителниот систем заради обилните дождови. Заради тоа водата која се доставува во водоводната мрежа во Куманово, исто така е заматена. Препорака до граѓаните, водата да се користи како техничка вода, или истата да не се користи без зовривање. Препораката останува се додека не се утври дека истата е безбедна за пиење“, соопшти Општинскиот штаб.
На вонредниот состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување, присуствуваа претставници од Општина Куманово, Совет на општина Куманово, РЦУК, ДЗС, ЈП Водовод, ЈП Чистота и зеленило, АД Водостопанство, Државен инспекторат за животна средина и Центар за јавно здравје.
Директорот на ЈП „Водовод“ Оливер Стојмановси, апелираше до граѓаните да не создаваат паника, бидејќи се преземени сите мерки да се заштити нивното здравје и што поскоро да се надмине новонастаната состојба.
„Иако излезе информација дека водата не е безбедна за пиење, тоа е непотврдена информација, затоа што чекаме информација од Центар за јавно здравје, од нашата и една приватна лабораторија, кои земаа мостри од повеќе локации. Нема место за паника, бидејќи нашите стручни служби реагираа навремено, оваа состојба не зависи од јавното претпријатие. Се надеваме дека релативно брзо водата која што ќе доаѓа по доводот на филтер станицата ќе биде со задоволителна матност. Водата се бисти и доколку продолжи со вакво темпо очекуваме дека брзо ќе дојде до стабилизирање на водоснабдувањето“, кажа Стојмановски.
И од ЈП Водостопанство Кумановско-Липковско Поле, кое стопанисува со браните Липково и Глажња од кои Куманово се снабдува со вода за пиење, потврдуваат дека водата во браните се сталожува и се избиструва.
Куманово се соочи со проблеми во водоснабдувањето, откако синоќа Липковско беше зафатено со силно невреме проследено со пороен дожд и град, па големите количини на води кои се слеаа од планината ја заматија водата во браните.
С. НИКОЛИЌ