Очигледно партиско гласање за завршните сметки на основните и средните училишта за 2023 година се случи во битолскиот Совет. Доколку директорот беше назначен откако локалната власт ја презеде ВМРО-ДПМНЕ, „за“ гласаа советниците од оваа партија и коалиционите партнери, а ако, пак, беше поставен во времето на СДСМ, тогаш за него гласаа советниците од нејзината коалиција.
„Овде е директор од СДСМ, а овде од ВМРО-ДПМНЕ, сфатив дека така гласате“, иронично кажа претседателката на Советот, Габриела Илиевска од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“, воочувајќи ја партиската логика на советниците.
Во еден момент, двајца советници од ВМРО-ДПМНЕ кренаа рака за училиште чиј директор беше поставен во времето на СДСМ, па по забелешка од Илиевска да не се грешка, ја спуштија и гласаа дека се воздржани.
Пред гласањето, партиите се конфронтираа околу вложувањата во училиштата и долговите од транспортот на учениците.
Ж. ЗДРАВКОВСКА