ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА ДОМАТИ ОД СТРУМИЧКО ГО БЛОКИРАА ПАТОТ ДО ТРИ СЕЛА, БАРААТ ПОВИСОКА ОТКУПНА ЦЕНА

    ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА ДОМАТИ ОД СТРУМИЧКО ГО БЛОКИРАА ПАТОТ ДО ТРИ СЕЛА, БАРААТ ПОВИСОКА ОТКУПНА ЦЕНАЗемјоделците велат дека продажната цена на килограм домати не смее да биде под 35 или 30 денари. (Фото: СДК.МК)

    Нови протести и блокади на земјоделците од Струмичко. По производителите на компир од Иловида и Штука, денеска на празникот Св. Кирил и Методиј на протест излегоа производителите на домати. Тие со трактори и земјоделска механизација го блокираа патот кон населените места Просниково, Сарај и Гечерлија оти почетната откупна цена за килограм домати изнесува од 20 до 25 денари, што според нив е катастрофална.

    Како што кажаа земјоделците, ова е изненадувачка цена, бидејки само што почнала бербата на домати во Струмичко, која допрва ќе се интензивира. Велат дека нема сигнали за сигурен откуп и постои стравување дека откупната цена ќе се намалува.

    „Не знаеме каде е проблемот, но никогаш досега не се случило првите берби да одат по толку ниски цени. Продажната цена на килограм домати не смее да биде под 35 или 30 денари. Трговците велат дека немало интерес од пазарите. Има ли оваа држава Министерство за земјоделство, води ли грижа? Еве, го повикуваме министерот нека дојде и заеднички да најдеме модел и начин како да излеземе од оваа ситуација, оти за неполна недела ќе има огромни количини на домати и ако нема откуп и пласман, ќе почнат да скапуваат по пластениците“, вели Атанас Спасов, земјоделец од Просениково.

    Во Струмичко има повеќе од 500 хектари домати под пластеници. Бербата почна деновиве. Од идната недела се очекува интензивно да стасуваат за берба, кои ако навреме не се соберат, ќе почнат да скапуваат по нивите. Оттука и стравот на раноградинарите, бидејќи никогаш почетните количини во производствена сезона немале толку ниска откупна цена.

    „Сите си играат мајтап со нашиот труд. Сума пари фрливме за заштитни средства и репроматријали и сега да ти кажат дека ќе нема откуп или цената е таа. Што да правиме ние како земјоделци? Еднаш засекогаш треба да има стратегија што да се произведува“, кажа Трајчо Коцев.

    Оваа недела први гласот го кренаа производителите на компир од Иловица и Штука, по што со претставници на Министерството за земјоделство и откупувачите се постигна договор компирот да се откупува по цена од 20 денари во наредните десет дена.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира