Жителите на Куманово шест дена се без чиста вода за пиење од градскиот водовод, после големото невреме проследено со пороен дожд и град ја замати водата во езерата Липково и Глажња, од каде градот се снабдува со вода за пиење. Откако еден ден беше целосно прекинато водоснабдувањето, во ситемот е пуштена вода која може да се користи само за техничка употреба.
Од ЈП „Водовод“ ги чекаат последните резултати од Центарот за јавно здравје Куманово, кои треба да сигнат утре, по што ќе знае кога ќе се стабилизира водоснабдувањето.
„Земени се мостри од повеќе локаци во изминатите 4 дена. Последните резултити треба да стигнат утре по 14 часот, по што, ако е се во ред и добиеме согласнот ќе ја пуштиме водата“, вели директорот Оливер Стојмановски.
Водоснабдување со техничка вода, која се користи за капење и за потребите на домаќинството нема во високите зони. Жителите на населбите Перо Чичо, Карпош, Ајдучка чешма, Пуковско, Тромеѓа, Чекеско село се жалат дека со денови немаат вода иако ја добиваат од резервоари, кои се полнат од бунарите во населбата Проевце и се одвоени од системот на Филтер станицата. Од ЈП „Водовод“ велат дека таму нема вода затоа што жителите ја трошат нерационално.
„Проблем е што тие количини на вода се чисти и се ограничени, поради што не смееме да дотураме од водата од градскиот водовод која е техничка. И наместо да ја штедат, несовесните граѓани нерационално ја трошат. Мијат дворовите, полеваат тревници и бавчи, додека нивните соседи немаат вода“, вели Стојмановски.
Поради проблемот со водоснабдувањето во Кумановската болница не се во функција операционите сали, па итните случаи се праќаат на лекување на скопските клиники.
С. НИКОЛИЌ