НА 30 ЈУНИ СДСМ ЌЕ ИЗБИРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПАРТИЈАТА

    НА 30 ЈУНИ СДСМ ЌЕ ИЗБИРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПАРТИЈАТАКовачевски поднесе оставка на 22 мај, по поразот на претседателските и парламентарните избори. (Фото: СДСМ)

    На 30 јуни, на непосредни внатрепартиски избори СДСМ ќе избира нов претседател на партијата. Ова е одлучено на денешната седница на Извршниот одбор на партијата, откако на 22 мај Димитар Ковачевски си поднесе оставка од функцијата.

    „Согласно роковите во Статутот на партијата, ќе има доволен период за подготовка на кандидатурите и програмите, претставување на кандидатите пред членството и активна регистрација. На седница којашто ќе се одржи на 30 мај, Централниот одбор на СДСМ треба да го усвои Правилникот за критериумите, начинот и роковникот за спроведување на постапката на највисоко демократско ниво од страна на Централната изборна комисија“, соопштија од партијата.

    Ковачевски поднесе оставка по поразот на претседателските и парламентарните избори. СДСМ во новото Собрание кое ќе се конституира утре ќе има само 18 пратеници, што е најмала бројка од постоењето на партијата.

    По 7 години власт, СДСМ на парламентарните избори на 8 мај го доживеа најтешкиот пораз во историјата и се најде во позиција да го дели второто место со ДУИ, според бројот на пратеници, вкупно 18 и 153.250 гласови.Освоените 153 илјади гласови се убедливо најслаб резултат за СДСМ на 11 парламентарни избори досега од независноста, неспоредливо со најдобриот резултат на партијата, остварен на 15 септември 2002 година, кога СДСМ победи со 497.342 гласови, што е и најдобар резултат на која било партија воопшто.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира