Рускиот претседател Владимир Путин го предупреди Западот дека членките на НАТО во Европа си играат со оган со тоа што предлагаат Украина да користи западно оружје за да напаѓа длабоко во Русија, што, според него, може да предизвика глобален конфликт. Повеќе од две години по најсмртоносната копнена војна во Европа по Втората светска војна, Путин се повеќе зборува за ризикот од многу поширок глобален конфликт, додека Западот се справува со тоа што да прави за напредувањето на руските трупи во Украина.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави за Економист дека членките на алијансата треба да дозволат Украина да нападне длабоко во Русија со западно оружје, став што го поддржуваат некои членки на НАТО, но не и САД.
„Постојаната ескалација може да доведе до сериозни последици“, им рече Путин на новинарите во Ташкент. „Ако овие сериозни последици се случат во Европа, како ќе се однесуваат САД, имајќи го предвид нашиот паритет во областа на стратешкото оружје? Тешко е да се каже – дали сакаат глобален конфликт?“.
Путин рече дека украинските напади врз Русија со оружје со долг дострел ќе имаат потреба од западен сателит, разузнавачка и воена помош – така што Западот ќе биде директно вклучен. Тој рече дека испраќањето француски војници во Украина ќе биде чекор кон глобален конфликт. Зборувајќи за членките на НАТО во Европа, Путин рече дека малите земји таму „треба да бидат свесни со што си играат“, бидејќи имаат мали површини и се многу густо население.
„Ова е фактор што треба да го имаат на ум пред да зборуваат за напад длабоко во руска територија“, рече Путин.
Русија, која контролира 18 отсто од Украина, напредува и отвори нов фронт во регионот на Харкив, предизвикувајќи дебата на Западот за тоа што друго може да направи откако на Киев му даде стотици милијарди долари помош, оружје и разузнавачки информации. Западните лидери и Украина ги минимизираа предупредувањата на Русија за ризикот од поширока војна во која ќе бидат вклучени Русија, најголемата нуклеарна сила во светот, и НАТО, најмоќната воена алијанса во светот предводена од САД.
Украина вели дека треба да може да напаѓа зад руските линии, вклучително и против руската суверена територија, за да возврати.
Но, руските власти велат дека трпението на Москва е намалено по повторените украински напади врз руските градови, рафинериите за нафта и, во последните денови, дури и против елементите на нејзиниот нуклеарен систем за рано предупредување.